„Во моментов се наоѓаме на булеварот „Васко Карангелевски“, инфраструктурен споменик на нереализирани ветувања и една од најважните сообраќајници кои поминува низ општината Аеродром. Ова е еден од најкратките булевари во градот, но и булевар со рекордно најдолго време на реконструкција досега. Две години, ние жителите на Аеродром, секојдневно поминуваме во дупки, ги кршиме и оштетуваме нашите автомобили, а возачите и граѓаните кои живеат во овој дел од општината се гушат во прашината“, вели Милка Тримчевска, советник во Советот на Општина Аеродром.
„Булеварот „Васко Карангелевски“, денеска наместо модерна сообраќајница е само уште еден потсетник кој сведочи за неспособноста и неодговорноста на Данела Арсовска. Секое утро, додека жителите сообраќаат на оваа фреквентна општинска локација, имаат можност на дело да се потсетат и уверат за фактот дека Арсовска не работи ништо, на леснотијата со која таа ги започнува и не ги завршува проектите, а на уште едно во редот дадени и неисполнети ветувања пред скопјани.
Булеварот „Васко Карангелевски“ или по ново булеварот – сведок на неодговорноста на Арсовска е еден од малкуте проекти кои таа ги започна во нејзиниот мандат. Денес, скоро две години подоцна истиот е симбол на блеф, лажни ветувања и уште една потврда за немањето менаџерски капацитет за водење на Градот Скопје и градските институции“, изјави Милка Тримчевска, советник во Советот на Општина Аеродром.
„По хаосот во јавниот превоз, чистењето на отпадот, ние жителите на Аеродром сме сведоци за уште еден, овој пат инфраструктурен и урбанистички хаос, создаден токму од градоначалничката Арсовска. И доколку на вага се стават, реализираните проекти, наспроти креираните кризи во градот, со сигурност ќе натежне негативниот аспект од владеењето на Арсовска, владеење од кое последиците ги трпат жителите на Аеродром и Градот Скопје.
Инфраструктурните проекти, модерните улици и булевари се реалност насекаде низ Европа. Подобрување на локалниот транспорт, локалниот економски развој и подигнувањето на безбедноста се проекти со кои гордеат успешните градоначалници. Но, за да бидеш успешен, неопходно е политиката, политичките пресметки и егото да го тргнеш на страна и во прв план да се стават потребите интересите на граѓаните. Денес од тука, во мое име и во име на општинскиот комитет на ВМРО ДПМНЕ во Аеродром ја повикувам градоначалничката Арсовска, да ги тргне на страна личните, дневно политичките и фамилијарните бизнис интерес и овој проект да го заврши час поскоро. На повеќе од 40 степени, најмалку што заслужуваме ние граѓаните на Аеродром секојдневно да дишеме прашина и да возиме по недовршен булевар, а со тоа и да трпиме материјални оштетувања како резултат на суетата, неодговорноста и неработењето на Арсовска.
Аеродром и Скопје заслужуваат нови, улици и булевари, такви какви што доликува на една метропола. Ние, граѓаните на Аеродром бараме од Арсовска, по две години мандат, конечно сериозно да ја сфати функцијата и довербата добиена од граѓаните и да започне да ги реализира ветените проекти. Скопјани заслужуваат модерен град и градоначалник кој ќе работи чесно, одговорно, решавајќи ги проблемите на граѓаните“, додаде Милка Тримчевска, советник во Советот на Општина Аеродром.