Со македонската премиера на филмот „Бизнисот на задоволството“ во режија на Гоце Цветановски, во Младинскиот културен центар заврши 22. издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“.
Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во своето обраќање изрази задоволство што е дел од затворањето на овој извонреден фестивал, кој го вреднува и го поддржува творечкиот уметнички потенцијал на врвни македонски и европски авторски филмски остварувања.
− Во изминатите шест дена, секој прикажан и изгледан филм беше достоен за почит, а секој доловен восхит од страна на филмската публика претставува доказ дека заеднички продолжуваме да ја раскажуваме дводецениската приказна насловена „Синедејс“. И навистина, „Филмските вечери“ во вжарениот јули, на плус 40 степени на скопскиот асфалт, беа како извор на пријатна свежина за над 5 000 посетители, филмски работници, режисери, продуценти, сниматели, музичари, студенти или едноставно, само љубители на филмската уметност − додаде Костадиновска-Стојчевска.
Таа нагласи дека Министерството за култура уште од самите почетоци го поддржува Младинскиот културен центар, а со тоа и „Синедејс“ како фестивал кој од неговиот зачеток беше од ревијален карактер и со текот на времето успеа да се искали и да прерасне во сериозен фестивал на европски филм со натпреварувачки карактер.
− Скопје, преку „Синедејс“, може да се гордее со одлична филмска атмосфера, која не е помалку привлечна од европските кинематографски метрополи. Благодарност до целата екипа на Фестивалот што се труди секоја година да има македонски филмови на отворањето и на затворањето. Затоа, честитки и до екипите на новите македонски филмови: „М“ на Вардан Тозија и „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски − додаде министерката за култура.
Костадиновска-Стојчевска изрази уверување дека Фестивалот на европски филм в година заслужено ќе блесне во уште поголем сјај бидејќи, како што рече, генерации и генерации млади луѓе пораснаа со него и културно се оформија како личности.
– Им пожелувам да продолжат да гледаат или да снимаат македонски филмови и филмот засекогаш да им остане нивна животна пасија, определба и водилка – истакна Костадиновска-Стојчевска.
Беа врачени и годинешните награди за најдобар филм, најдобра режија, најдобро сценарио и најдобра изведба, кои ги доделуваше жири-комисијата во состав: Габриеле Брунемаер – филмски експерт и ментор, Дина Дума- режисерка и Ереник Бекири – режисер. На фестивалот беа доделени и наградите во двете фестивалски програми: Официјална селекција и SEE (South Eastern Europa) селекција и нив ги доделуваше жирито на филмската критика во состав: Влатко Галевски, претседател и Стојан Синадинов и Тони Цифровски, членови.
На годинашното издание на Фестивалот на европски филм „Синедејс“, на сцената на киното „Фросина“, на летните кина под отворено небо – „Мирно лето“ во Кинотеката и во паркот зад МКЦ – беа прикажани 40 филмски проекции од најновата европска продукција.