Утрински Весник
Економија

Ангеловска-Бежоска на конференција на ЕЦБ: За повисок економски раст на земјите од Западен Балкан е потребна повисока трговска и финансиска интеграција

Ангеловска-Бежоска на конференција на ЕЦБ: За повисок економски раст на земјите од Западен Балкан е потребна повисока трговска и финансиска интеграција

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, учествуваше на 9. конференција на Европската централна банка на тема „Менување на геополитичкиот пејзаж ‒ економски последици за Централна, Источна и Југоисточна Европа (ЦИЈИЕ)“, којшто го отвори претседателката на ЕЦБ, Кристин Лагард. Станува збор за настан од висок профил на кој учествуваат челниците на ЕЦБ, како и гувернерите на централните банки на земјите од ЦИЈИЕ.

dobivaj vesti na viber

Гувернерката Ангеловска-Бежоска, на овогодинешната конференција посочи дека по глобалната економска криза процесот на доходовна конвергенција во регионот на Западен Балкан забави во голема мера како резултат на структурните пречки поврзани со фундаменталните фактори на растот – човечкиот капитал, физичкиот капитал и продуктивноста. „Симулациите покажуваат дека доколку продолжиме со истата релативна брзина на растот како досега, ќе ни требаат околу 40 години да го достигнеме просечното ниво на доход во ЕУ. Ризикот од геокономска фрагментација, доколку не е соодветно следен, може дополнително да ја забави конвергенцијата. За малите и отворени економии како нашата, коишто треба да ги надминат структурните пречки за раст, потребна е посилна глобална интеграција, а не дезинтеграција“, истакна гувернерката. Таа посочи и на одредени анализи, коишто покажуваат дека повисоката интеграција во глобалните синџири на вредност може да придонесе за повисоко ниво на бруто домашниот производ за 3% до 10% кај земјите од Западен Балкан.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска учествуваше со излагање во рамките на панел-дискусијата којашто ја водеше Франк Елдерсон, член на Извршниот одбор на ЕЦБ, а учествуваа и главниот економист на ЕБРД, главниот економист на Светската банка за Европа и Централна Азија и гувернерите на централните банки на Хрватска и Албанија.

Во своето излагање, гувернерката се осврна на досегашните придобивки од интеграцијата на регионот, вклучително и на македонската економија, во глобалните трговски и финансиски текови. Во изминатите две декади, трговската отвореност на регионот значително се зголеми, а особено на македонската економија којашто достигна околу 160% од БДП. Паралелено со трговската, се зголеми и финансиската интеграција којашто достигна околу 200% од БДП. Овие два паралелни процеса придонесоа за пораст на конвергенцијата, којашто од околу 20% се зголеми на 40% од БДП.

„Сепак, неодамнешните засилени геополитички тензии наметнуваат сериозни ризици за натамошниот тек на глобалната економска интеграција, со можни последици во повеќе области, вклучувајќи ги трговијата, финансиите, глобалните синџири на вредности и целокупниот процес на економска конвергенција. Притоа, во случај на фрагментација на глобалната економија, трошоците би можеле да бидат високи, особено за малите отворени економии во развој, одразувајќи се со повисоки увозни цени, помали и сегментирани пазари, намален пристап до технологии и работна сила и севкупно, намалена продуктивност и стандард на живеење. Но, колку ќе бидат погодени земјите ќе зависи, меѓу другото, и од напорите на носителите на политиките за справување со ризиците, особено во поглед на искористувањето на можностите од евентуалниот процес на преместување на производството на мултинационалните компании на поблиски локации, што би било од интерес за земјите од Западен Балкан, коишто имаат географска и културна блискост со земјите од Западна Европа. Активна и многу важна улога во овој процес, но и поопшто, за справување се структурните предизвици, може да имаат и меѓународните и европските институции преку нивната поддршка на земјите од регионот, коишто сѐ уште немаат пристап до структурните и инвестициски фондови на ЕУ“, порача Ангеловска-Бежоска.

Можете да прочитате

Денови на финансиска писменост – 24info.mk

Продолжува амандманската расправа за Предлог-буџетот за идната година

Тему достапна и во Македонија, ниски цени и бесплатна достава, квалитетот дискутабилен