Утрински Весник
Македонија

(Видео) Слобода доби експретседателот на ДИК, Дерковски, оти домаќински постапил кога го набавил софтверот за избори

(Видео) Слобода доби експретседателот на ДИК, Дерковски, оти домаќински постапил кога го набавил софтверот за избори

Судијата Илија Трпков ги ослободи од вина експретседателот на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски, и тројцата членови на комисијата за јавни набавки, кои го набавија софтверот за изборни резултати. Според него, нема ништо погрешно во купувањето на софтверот преку тендерот. Според судот, нема умислено и штетно постапување на обвинетите и доказите не покажале дека имало умисла. Судијата Трпков оценил дека имало домаќинско работење кај обвинетите бидејќи е избрана поевтина понуда.

dobivaj vesti na viber

„За овие дејства, обвинетите се ослободуваат од обвинение бидејќи јавниот обвинител не докажа надвор од разумно сомнение дека ги сториле кривичните дела“, рече Трпков.

Судијата објасни зошто донел ваква пресуда.

„Од изведените докази не се докажа постоење умисла за штетно постапување на обвинетите, кое им се става на товар. Била извршена евалуација на понудите и бил избран најповолниот економски оператор. Според судот, неосновани се наводите дека е сторена повреда на постапката за јавни набавки и дека договорниот орган постапил спротивно на Законот за јавните набавки во ситуација кога понудата на избраниот најповолен понудувач била прифатлива и избрана за најповолна, иако, според јавниот обвинител, е неприфатлива. Членовите на комисијата за јавни набавки постапиле во согласност со насоките од Државната комисија по жалбите од јавните набавки“, рече Трпков.

Објасни кои елементи се потребни за делото да биде сторено.

„Јавни набавки се инструмент со кои институциите купуваат услуги и работи, а се едни од најсериозните финансиски интеракции и затоа се проследени со разни коруптивни поведенија. Коруптивните поведенија се својствени за сите современи држави, без разлика на системот. Фаворизирање незаконски придобивки преку злоупотреба на службените овластувања претставува кршење на демократските вредности, што е спротивно на јавниот интерес. При одлучувањето судот ги разгледа сите аспекти на предметните постапки. Основано се поставува прашањето дали постојат докази за исполнување на битието на кривичните дела што им се ставаат на товар на обвинетите? При оценка и анализа на доказите судот анализира дали обвинетите ја злоупотребиле службената положба за да прибават имотна корист или нанесат штета и ако тоа го направиле – од што биле мотивирани? И дали постоела умисла како субјективен елемент? Сите елементи се потребни за да биде остварено законското битие за кривичните дела и тие да бидат огласени за виновни“, појасни Трпков.

Објасни дека најголем број од доказите на странките се прифатени и ценети, поединечно и во целина.

„Овој предмет, како и сите предмети во кои постапував, го разбрав како предизвик да покажеме дека македонското судство има капацитет да ги овозможи сите процесни права и да донесе пресуда што ќе ја оценуваат и повисоките судови. Задоволство ми е што во постапката немаше забелешки од одбраната и Обвинителството за почитување на нивните права. Судот прифати најголем број предложени докази од странките“, рече Трпков.

За набавката на софтверот за резултати од изборите обвинети се тројцата вработени во ДИК бидејќи биле членови на комисијата за јавни набавки. Според обвинението, со неизвршување на своите службени должности при купувањето на софтверот по пат на тендер не го почитувале минималниот законски рок за поднесување понуди, не утврдиле дека економскиот оператор „Дуна“ ДОО Скопје не ги исполнува условите за учество во постапката и притоа не спровеле правилна постапка за евалуација на доставените понуди, туку понудата ја оцениле како прифатлива и ѝ доделиле максимален број бодови. Потоа, претседателот Оливер Дерковски, како претседател на ДИК, без да изврши контрола на постапката за евалуација на понудите, донел одлука за избор на најповолен понудувач. Се наведуваше дека постапката била поништена па повторена, со умисла друга фирма да го добие тендерот. Според обвинението, буџетот бил оштетен за 21 илјада евра.

Прашањето како се набавил софтверот беше актуелно откога вечерта на денот на парламентарните избори падна веб-страницата и апликација на ДИК на која се објавуваа резултатите. ДИК тврдеше дека е поради хакерски напад. Кој го нарачал и кој го извршил до денес не е познато, иако и за ова веднаш беше отворена истрага. Оливер Дерковски беше претседател на Државната изборна комисија по предлог на ВМРО-ДПМНЕ.

Можете да прочитате

Владиката Тимотеј ќе биде погребан в четврток на Плаошник

СДСМ: Намалувањето на парите за чист воздух е удар врз здравјето на народот

Во аптека ќе се оди само со електронски рецепт, хартиените рецепти ќе бидат целосно исфрлени од употреба во јуни следната година