Кадровската политика на СДСМ и Спасовски е погубна за Министерството за внатрешни работи, смета ексминистерот на МВР во техничката влада, Наќе Чулев.
Тој рече дека Министерството се соочува со најголемиот кадровски геноцид во последните триесетина година.
„Соочени со политички притисоци и малтретирања, катастрофални услови за работа, ниски плати, уништување на системот за кариера и непостоење реален систем за мерење и вреднување на перформансите, секојдневно расте бројот на барањата на полициски службеници за спогодбено раскинување на работниот однос. Информациите кои стигнуваат од вработените, велат дека во еден ден или во една недела, вработени од цели сектори заминуваат од Министерството за внатрешни работи и одат на работа во странство или во приватни компании“, вели Чулев.
Додава дека кадри со високо образование, специјалистички обуки и со сериозно искуство во областа на безбедноста, решаваат својата кариера да ја продолжат во приватни компании, а троцифрен е бројот на вработени во Министерството за внатрешни работи кои побарале право на неплатен одмор, за да работат во објекти покрај море во некоја од соседните земји.
Апсурдот е дотолку поголем, додава Чулев, што замислете келнер во некоја од земјите во соседството зема значително поголема плата, од човекот кој треба да се бори против криминалот во Македонија, да расчистува убиства, да се грижи за мојата и вашата безбедност или да ја гарантира сајбер-безбедност на државата.
Ексминистерот смета дека флоскулите „Полицијата за граѓаните“ и „Отворени кабинети“ се само начин да се скриjaт политички притисоци, монтираните дисциплински постапки, незаконските унапредувања, фактот дека Спасовски пет години не може да изработи нова функционална систематизација на работните места и на крај да се скрие незадоволството на вработените кое ескалира од ден на ден. За споредба, вели Чулев, полициите од соседните земји, земаат речиси дупло поголема плата од тие во Македонија, а и материјално-техничките средства и опрема со кои располагаат се неспоредливи.