Досегашниот капитен на Јувентус, Леонардо Бонучи, одбил две понуди од странство, затоа што сака да остане во Италија. Едната е од Фенербахче, а втората од саудиски клуб.
Намерата на 36-годишниот дефанзивец беше да остане во тимот на „старата дама“ и да ја одработи последната година од договорот со тимот, но под новите околности тој е подготвен да се пресели во друг италијански тим.
„Газета дело Спорт“ пренесува како Бонучи им кажал на своите пријатели дека е шокиран од одлуката на Јувентус да го стави на трансфер – листата. Искусниот дефанзивец ќе се појави во понеделник на „Континаса“ и ќе тренира самостојно, иако не е дел од составот што ќе замине на американската турнеја.
„Калчо и финансии“ откриваат дека Бонучи е меѓу најплатените играчи на „бјанконерите“ со нето плата од 6,5 милиони евра по сезона. Само двајца играчи тежат повеќе на буџетот на клубот, Душан Влаховиќ и Федерико Киеза.