Функционерите на ДУИ, Исмет Гури и Ејуп Алими кои се гонea за уништување на изборен материјал, добија по 3 години и 6 месеци затвор. На нив во Кривичен суд им се судеше по вторпат, откако еднаш, Апелација ја укина пресудата. Судијката Марија Клетничка ги огласи за виновни бидејќи за време на локалните избори, за време на бирање на градоначалник на Чаир, во група преправале списи кои служеле за изборите и гласањето, со додавање и одземање на гласови.
„Судот потенцира дека една од основните претпоставки за владеење на правото е избирачкото право. Избирачкото право претставува услов без кои не може една земја да се претстави како демократска. Ценејќи ги изведените докази, советот по советување и гласање, ја донесе следната пресуда: Судот двајцата обвинети Исмет Гури и Ејуп Алими, ги осудува на казна затвор на времетраење од 3 години и 6 месеци. Се задолжуваат да ги платат и трошоците на постапката“, рече судијката, која кажа дека постапила и по напатствијата од Апелација.
Таа кажа сведоците во повторената судска постапка ги промениле исказите, но доказите покажуваат уништување на изборен материјал. Според судијката, одбраната е дадена со цел обвинетите да избегнат одговорност, но не докажуваат нивна невиност.
„Судот ги ценеше и прифати доказите од одбраната. Но истите не доведоа до поинаква фактичка состојба, од онаа која судот ја утврди. Напротив, одбраната е спротивна на дадените докази, а дадена е со цел, обвинетите да ја избегнат кривичната одговорност за предметните кривични дела. Иако преправањата на записниците се неподесни за вештачење бидејќи се напишани со дупли повлекувања и потези, поради што од страна на било кое вешто лице не можат да се анализираат општите и посебните графички карактеристики на извршените преправања, умислата и резултатот од умислата се на страна на двајцата обвинети. Наведеното беше неспорно утврдено од страна на сведоците“, додаде судијката.
Исмет Гури и Ејуп Алими на 31 март 2020 година беа осудени на по три и пол години затвор за „Титаник 3“, заради уништување на изборен материјал во локалните избори во општина Чаир, во 2013 година. Судијката Марија Клетничка при објавување на пресудата рече дека обвинетиот Гури е виновен затоа што за време на локалните избори во општина Чаир, во 2013 година, заедно со сведоците Блерим Мухаџери и Ќани Точи ги преправале записниците од гласањето. Додека обвинетитот Алими, е виновен зашто преземал противзаконски дејствија за уништување на изборен материјал.
Во 2021 година, Апелација донесе одлука, предметот да се суди одново. Апелација даде напатствија за правна оценка на кривичните дела за кои се гонат, да се провери и кој кое дело го сторил. Поради ова имаше и ново вештачење, кое ги даде истите резултати како претходните.