Пред полното гледалиште во паркот на МКЦ, со македонската премира на филмот „М“ на Вардан Тозија, синоќа беше отворен 22-от Меѓународниот фестивал на европски филм – CINEDAYS.
„Имаме совршено отворање на фестивалот, повеќе од 1000 гледачи го следеа филмот „М“ на Вардан Тозија без здив, и во паркот зад МКЦ и во киното Фросина. Благодарност до режисерот Тозија и продуцентот Дарко Попов кои ни овозможија Скопје вечерва да ја добие посакуваната фестивалска атмосфера и заедно со комплетната авторска и актерска екипа да го имаме ова задоволство. Ние како тим се трудиме вечерашниот фестивалски филмски шарм и содржина да ги одржиме низ целото издание на CINEDAYS затоа што имаме одлична програма која витешки ја сработивме со драстично намален буџет. Се надевам дека годинешниов исклучок нема да биде практика.“ – истакна Маргарита Арсова програмски координатор на CINEDAYS.
Под слоганот „Муви најт“, Скопје до 18 јули ќе живее во филмот на CINEDAYS, зажал со редуциран број на локации и филмови на репертоар, но доволно атрактивни да ги задоволи и најпребирливите филмофили.
Со проекција на 40 филмови во неколку селекции, македонски премиери на долгометражните остварувања на Тозија, Горан Столевски и Гоце Цветановски и селекцијата на кратки филмови, уникатни работилници, мастер клас и панел дискусија, како и неколку концерти годинешниов CINEDAYS ќе го слави филмот и неговите најнови достигнувања.
Билетите за CINEDAYS ќе бидат по цена од 200 денари, за сите филмови.
Фестивалот е поддржан од Кинотека на Македонија, Публицис, Скопска пивара, ЕУ за ТЕБЕ, Неотел, Гете институт, Агенцијата за филм на РСМ и Град Скопје.