Именувањето на Фиона Скот Мортон, поранешна американска функционерка во администрацијата на Барак Обама, на важна позиција во Европската комисија поврзана со регулацијата на американските технолошки гиганти, предизвика голема огорченост во Франција и повици за преиспитување на одлуката.
Комисијата завчера објави дека за шеф на Управата за конкуренција е избрана Скот Мортон, професорка по економија на Универзитетот Јеил и поранешна функционерка на Стејт департментот.
Мортон (56) ќе ја преземе функцијата на 1 септември кога актуелниот главен економист Пјер Режибо ќе се пензионира.
Првата Американка на должност во европска институција
Таа, исто така, ќе биде првата жена и првиот американски државјанин што ќе има функција во европска институција. Скот Мортон ќе има клучна улога на чело на администрацијата во истрагите за можни прекршувања на прописите за еднаква пазарна конкуренција во сегментот на технолошките гиганти, како што се Google, Apple, Meta Platforms и Microsoft.
Нејзе ѝ беше доверена и клучна улога во прегледот на големите аквизиции, како што е купувањето на iRobot од Amazon и купувањето на стартапот Figma од страна на Adobe.
Според АФП, Комисијата се уште нема потпишано договор со неа.
Назначувањето на Скот Мортон доаѓа во време кога ЕУ треба да спроведе нови, амбициозни закони за регулирање на споменатиот сектор, а шефицата на ЕК Урсула фон дер Лајен се најде на удар на критичарите и обвинувањата дека е премногу „атлантски“ настроена.
„Ова ќе покрене легитимни прашања“
Францускиот министер за дигитализација и телекомуникации Жан-Ноел Баро ја повика Комисијата „да го преиспита својот избор“ бидејќи „назначувањето ќе покрене легитимни прашања“.
„Да се ангажира американски лобист од ГАФАМ (Гугл (Алфабет), Епл, Фејсбук (Мета), Амазон и Мајкрософт) во време кога Европа се обидува да го ограничи нивното влијание, е неверојатно. Назначување во најдобар случај е чудно, а најлош случај опасно. Комисијата мора да го отфрли“, рече францускиот европратеник Жофрој Дидие.
„Ова е скандал“
Европратеникот на Зелените Јаник Џедот го нарече назначувањето на Скот Мортон „скандал“ и ја повика фон Лајен „да ја повлече таа одлука, што е против етиката“. Нејзиното назначување во елитен ресор во Европската комисија уште пред да биде објавено предизвика бран критики, меѓу кои и бурни реакции од бројни невладини организации.
На почетокот на мај, група здруженија на граѓанското општество во заедничко писмо до комесарот за заштита на пазарната конкуренција, Маргрете Вестагер, ја изразија својата загриженост за назначувањето на Скот Мортон за главен економист.