НАТО не бара конфронтација со Русија и не претставува закана за Москва, се наведува во коминикето на Алијансата по завршувањето на првиот ден од самитот во Вилнус.
„Бараме стабилност и предвидливост во евроатлантската област и меѓу НАТО и Русија. НАТО не бара конфронтација и не претставува закана за Русија. Во светлината на нејзината непријателска политика и дејствија, не можеме да ја сметаме Русија за наш партнер“, се нагласува во соопштението.
Се додава дека каква било промена во односите меѓу НАТО и Русија зависи од тоа дали Москва ќе престане со своето агресивно однесување и целосно ќе го почитува меѓународното право.
„Сè уште сме подготвени да ги задржиме отворените канали за комуникација со Москва за да ги ублажиме ризиците, да спречиме ескалација и да ја зголемиме транспарентноста“, соопшти НАТО.
Истовремено, тие додаваат дека ќе продолжат да ги проценуваат импликациите на руската политика и руските дејствија врз безбедноста на алијансата, како и дека на руските закани и непријателски дејствија ќе одговорат на обединет и одговорен начин.