Адвокатот Стефан Камишевски смета дека обвинетиот Илија Спасески за претепувањето на Христијан Пендиков, требало да се појави на рочиштето, ако е сигурен дека е невин. Според Камишевски, обвинетиот, наместно изговори, треба тоа да го докаже. Посочи и дека Пендиков добива се уште закани, па додаде: „Не сум орган на прогон, ниту обезбедувач – дали е безбеден или не, не знам“.
„Секој кој што е 100% сигурен во својата невиност, ќе направи се за да биде присутен на судските рочишта и да ја докаже својата невиност. Во спротивно, претпоставувам, ќе си наоѓа изговори за да не доаѓа на судските рочишта. Мислам дека ваквите обиди за одлагање, ова како и она што беше на претходното рочиште кажуваат многу“, рече адвокатот Камишевски.
Со оглед дека го искритикува непојавувањето на Спасески, беше прашан дали се сомнева во лажирање на медицинската документација која беше оправдување за отсуството.
„Не сметам дека медицинската документација е лажна. Сметам дека сите сме возрасни и секој може сам за себе да си процени“, додаде тој.
Судењето се одложи поради отсуство на обвинетиот кој со документација од доктор докажа дека е болен, а судијата Бојан Мартиноски му поклони верба.
Охридското Обвинителство поднесе обвинителен предлог против едно од лицата за кои се смета дека го претепаа секретарот на бугарскиот културен клуб „Цар Борис“ во Охрид, Христијан Пендиков. Тој се бранел со молчење во текот на истражната постапка.
„На 19 јануари во кафе-бар во Охрид обвинетиот најпрвин пристапил до масата на која седел оштетениот и му забележал затоа што се изјаснувал како Бугарин. Подоцна, кога оштетениот го напуштил објектот и се движел кон своето возило, обвинетиот и другото непознато лице почнале да го следат, го нападнале и го удирале со рацете и нозете по главата и телото нанесувајќи му тешки телесни повреди. Во текот на истражната постапка сега обвинетиот се бранеше со молчење, но сите околности беа проверени и потврдени со изјави на сведоци на настанот и со обезбедените снимки од видеонадзорот“, соопшти Обвинителството кога го поднесе обвинителниот акт.
Тепачката се случи на почетокот на јануари.