Утрински Весник
Култура

Отворена изложбата на дигитални слики „Особеност“ на Игор Поп Трајков

Отворена изложбата на дигитални слики „Особеност“ на Игор Поп Трајков

Овој понеделник, на 10 јули, беше отворена изложбата на дигитални слики Особеност на Игор Поп Трајков, во Галеријата Ко-Ра. На отварањето свој збор имаа кураторката Џоана Пентала (преку видео обраќање) и уредничката на ликовната програма на ЈУ Дом на култура Кочо Рацин, Скопје.

dobivaj vesti na viber

Кураторката Џоана Пентала рече:

Уметникот на оваа изложба има страст да учествува во бројни општествени, уметнички и интелектуални активности и настани, како онлајн, така и лично. Тој постојано се опкружува со други уметници, поети, писатели и интелектуалци од сите видови. Ова е сопствената, единствена, модерна верзија на француските салони на Поп Трајков, каде уметниците можат да црпат инспирација еден од друг. Последователните проекти на уметникот јасно го одразуваат ова.

Провокативен и смирувачки, класичен, а сепак контроверзен, стилот на Игор Поп Трајков буди интерес за нови изразни средства и технологии за визуелните уметности. Изложбата е бунт од бои, стилови и техники. Уметникот е полн со радосно отфрлање, но во исто време нè тера да застанеме и да му ги преиспитуваме намерите, оставајќи нè да се чувствуваме неурамнотежено и малку непријатно. Тој нè потсетува на времето кога уметноста имаше многу да каже, беше бесрамно контроверзна и кога стиловите и техниките брзо се развиваа. Уметникот на „ангелот на личноста“ не се плаши да се расправа и да ги преиспитува постоечките норми (локални и глобални). Тој сака да ни го привлече вниманието на опасноста што е поврзана со постојаното преземање здраво за готово на однапред смислените стандарди.

Виолета Калиќ во воведното обраќање нагласи:

Игор Поп Трајков претставува еден енциклопедиски дух и е амбивалентна личност, правејќи екскурс во различни области. Успева да навлезе во разнородните области на нашето севкупно делување, во сферите на филозофијата, психологијата, па и на психијатријата, на социологијата, на културологијата, на (визулените) уметности, но исто така е и политиколог, и аналитичар. Инсертирајќи време и простор, културолошки и сецивилизациски пристап, тој го создава неговиот специфичен ликовен израз.

Уметникот прави чекори или исчекори во контекст на плодотворното опстојување. Верувам дека секој ќе ја доживее изложбата низ тие дијалози меѓу благородните суштества и анималното или плуралното. Таа митологизираност или анимацијата на тие собитија прават секој да се обиде да проникне во тој чудесен свет, кој е театрализиран, навиудум сомнабуличен, фантазмагоричен, или да се обиде да ја долови лексиката со која Игор Поп Трајков ни се обраќа.

Изложбата Особеност ќе биде отворена во Галеријата Ко-Ра при ЈУ Дом на култура Кочо Рацин, Скопје до 20 јули.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“