Утрински Весник
Македонија

Шпанија продолжува со заложбите за проширување на ЕУ

Шпанија продолжува со заложбите за проширување на ЕУ

Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања одржаа заедничка седница, на која беше извршена презентација на програмата и приоритетите за работата на Шпанското претседателство со Советот на Европската Унија за периодот јули – декември 2023 година, од страна на амбасадорот на Кралството Шпанија во Република Северна Македонија, Хозе Луис Лозано Гарсија.

dobivaj vesti na viber

Успешна работа на шпанското претседателство му посакаа претседателите на Националниот совет за евроинтеграции и на Комисијата за европски прашања, Александар Николовски и Арбер Адеми.

Шпанскиот амбасадор Гарсија информира дека неговата земја го презеде шестмесечното ротационо претседавање од Шведска и по петти пат ќе ја извршува оваа улога на претседавач. Тоа е последното целосно оперативно претседавање од законодавниот циклус, пред изборите за Европскиот парламент, кои ќе се одржат во јуни следната година.

Во продолжение амбасадорот Гарсија ги презентираше четирите приоритети на Шпанското претседателство со ЕУ, и тоа:

· реиндустријализација на ЕУ и стратешка економија;

· унапредување на зелената агенда и животната средина;

· промовирање на поголема социјална и економска правда;

· зајакнувањето на европското единство.

Овие приоритети подразбираат дека Шпанското претседателство ќе работи на намалување на прекумерната зависност на ЕУ од трети земји во областите како што се енергијата, здравството, дигиталните технологии и храната, и ќе го промовира развојот на стратешките индустрии и технологии во Европа и со заедничка стратегија да се гарантира економската безбедност на ЕУ.

Шпанија ќе се ориентира на реформа на пазарот на електрична енергија и повеќе обновливи извори. Во таа насока да се намали зависноста од енергија и суровини, да се намалат сметките за енергија, да се зголеми конкурентноста и да се отворат работни места.

На Европската Унија ѝ треба поконкурентна, но и поправедна и погрижлива економија, според визијата на Шпанското претседателство. Така, ќе се насочат на соодветна ревизија на финансиската рамка, реформа на фискалните правила за надминување на штедењето, зголемување на транспарентноста и комбинирање на финансиската одржливост, со правилно финансирање на зелената и дигиталната транзиција.

Во текот на својот шестмесечен мандат, шпанското претседателство ќе се залага за зајакнување на европското единство, со координирана поддршка за Украина под принципите на обединетост и солидарност.

Свое обраќање имаше и амбасадорот Дејвид Гир, шеф на Делегацијата на Европската Унија во Република Северна Македонија. Тој стави акцент на важноста од заедничка соработка во остварувањето на заедничките цели. Зборуваше за реформите кои треба да бидат реализирани, осврнувајќи се на владеењето на правото, борбата со корупцијата, судството, потоа на улогата на Собранието и соработката со граѓанскиот сектор. Нацрт-уставните измени, кои наскоро треба да пристигнат во Собранието, се важен чекор кон ЕУ, рече евроамбасадорот Гир. Во тој контекст повика на отворена дебата за ова прашање, на политичка одговорност, а националните интереси да бидат ставени на прво место.

Претседателот на Комисијата за европски прашања, Арбер Адеми, истакна дека за земјава е особено важно да се одржи втората Меѓувладина конференција за време на Шпанското претседателство, за што услов се уставните измени. Во таа насока, Адеми рече дека веќе се направени големи компромиси, дека преостанува овој услов, дека ова е наша држава и заеднички треба да се мисли на идните генерации и да не се става во опасност европската перспектива.

Можност да се обратат и да ги искажат своите ставови пред присутните имаа и пратеници од Собранието на Република Северна Македонија.

Учесниците на денешната седница едногласно изразија благодарност за досегашното претседавање на Шведска и ѝ посакаа успешна работа на Шпанија во остатокот од годинава.

Можете да прочитате

Коцевски му одговори на Мицкоски: Обвинител имаше вирус, но потоа одржа состаноци со полицијата

Одреден осумдневен притвор за тројца од вчерашните настани каде беше сквернавено државното знаме

(Видео) Аерозагадувањето е темата на новата епизода од подкастот ЗРАК со д-р Мариа