Властите на Нов Зеланд воведоа забрана за употреба на тенки пластични кеси во супермаркетите, кои најчесто се користат за овошје и зеленчук.
Со ова Нов Зеланд стана првата земја во светот која ја прошири веќе постоечката забрана за пластични кеси. Одлуката, која стапи на сила овој викенд, е дел од пошироката владина кампања против пластиката за еднократна употреба.
Повеќето купувачи веќе носат свои кеси во продавниците откако пластичните кеси беа забранети во 2019 година. Во последниве години, многу држави воведоа данок или забрана за пластичните кеси.
„Нов Зеланд произведува премногу отпад, премногу пластичен отпад“, рече министерката за животна средина Рејчел Брукинг и додаде дека повеќе од една милијарда пластични кеси се „спасени“, благодарение на забраната за големи пластични кеси во 2019 година.
Сега, новата забрана се очекува да отстрани околу 150 милиони пластични тенки кеси од пазарот, според Би-Би-Си.