По најавата од организаторите на „Пиво Фест“ дека годинава фестивалот ќе се одложи поради недоволен буџет, се огласија од Општината на градот и рекоа дека биле одобрени еден милион денари, но повеќе фактори влијаат за одложувањето на фестивалот.
„Би сакале да појасниме дека Општина Прилеп никогаш во минатото не била организатор туку само поддржувач на вакви манифестации што е случај и оваа година. Општина Прилеп и оваа 2023 година има предвидено да ја поддржи манифестацијата со 1 милион денари од Буџетот наменет за култура, кој што годинава изнесува 4 милиони денари“, велат од Општината.
Како што велат оттаму, до овој момент во Општина Прилеп доставено е само едно барање од Здружение, кое што се пријавило како потенцијален организатор за овој Фестивал.
„Истото тоа здружение нема предвидено јасна финансиска конструкција ниту програма за реализација која што ќе гарантира професионална организација на настан од вакви размери. Локалната самоуправа на општина Прилеп останува на ставот дека манифестацијата треба да се одржи, бидејќи фестивалот на пивото и скарата има културен, економски и туристички бенефит за градот. Но недоволната поддршка за организација на годинешниот фестивал од повеќе фактори до овој момент, влијае на одлуката за одржување или одложување на манифестацијата“, додаваат од Општината.
Како што додаваат Општина Прилеп е да имаме квалитетен фестивал со богата музичка понуда и содржини, па поради тоа сметаме дека треба да бидат исполнети сите предуслови за неговa беспрекорна организација и одржување.