Раководството на Реал Мадрид во наредните денови ќе се сретне со челниците на Интер за да разговараат за евентуален трансфер на Лаутаро Мартинез, пренесува „AC“. Шпанскиот медиум тврди дека Аргентинецот се смета за алтернатива на Килијан Мбапе доколку на „Сантијаго Бернабеу“ на крајот решат дека не можат да го обезбедат потписот на Французинот.
„Кралевите“ имаат огромна потреба од централен напаѓач по заминувањето на Карим Бензема во Саудиска Арабија, кој и онака беше без сериозна алтернатива во текот на минатата сезона.
Реал Мадрид досега успеа да го доведе Хоселу од Еспањол. Тој покажа добри голгетерски квалитети минатата сезона и постигна 16 гола на 34 натпревари во Ла Лига, иако неговиот тим испадна од елитата.
Сепак, Карло Анчелоти инсистира на тоа дека Флорентино Перез мора да ангажира квалитетен напаѓач доколку сака тимот успешно да ги оствари високите цели на раководството.
Килијан Мбапе останува цел број еден за нападот на тимот, но Реал има сериозни резерви дали да плати преку 150 милиони евра за играч кој за само една година ќе биде слободен агент.