Додека сите очи се вперени во правосудните органи поради струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, Обвинителството четврти ден нема одговори на клучни прашања. Не кажуваат кога го затвориле предметот за набавката на луксузното „ауди“ кое го водеше Обвинителството за гонење организиран криминал. Молк и на клучното прашање – што стои во записниците на Вишото јавно обвинителство, кога го контролирало постапувањето на струшкото Обвинителство, каде се водат постапките против градоначалникот. Наместо концизни одговори на овие прашање, Обвинителството четири дена прави увид.
„Во Јавното обвинителство во тек е увид и проверка во постапувањето по предметите и од тие причини не сме во можност да ви ја доставиме бараната информација во моментов“, стои во одговорот на Обвинителството на поставените прашања, испратен во петокот.
Баравме одговори од Советот на јавни обвинители. Но тие немаат надлежност да прават надзор врз работата на обвинителите и постапувањето по предметите. Антонио Јолески за „Макфакс“ посочи дека тоа е од исклучива надлежност на јавните обвинителства и вишите јавни обвинителства.
„Надзорот го врши Јавното обвинителство и Вишото јавно обвинителство, согласно Законот за јавно обвинителство. Не можеме ништо да преземеме. Обратете се нив“, рече Јолески кој неколку години посочува дека не сака ова тело да биде нем посматрач туку да утврдува и одговорност.
Се обративме одново до Обвинителството. Но оттаму ги игнорирааа сите идни забелешки од јавноста и барања за информации кои се однесуваат на Мерко. Обвинителството кое по слово на закон и согласно заложбите треба да постапува транспарентно – реши повеќе да не одговара на новинарските прашања. Па така, јавноста е лишена и од одговорите како може да не знаат кога случајот за набавката на луксузното „ауди“ е затворен, но и како е возможно да не знаат што е констатирано во записниците од Вишото обвинителство за предметите поврзани со Рамиз Мерко во струшкото Обвинителство и ОЈО-ГОКК.
Последен обид за одговори, „Макфакс“ имаше денеска. Потрагата беше по одговори во однос на транспарентноста. Прашавме дали со односот кој го има Обвинителството, криејќи информации со денови, придонесува кон зголемена доверба на медиумите и јавноста во обвинителскиот систем. Побаравме и став дали имаат намера да одговорат на прашањата во однос на Мерко или ќе продолжат со игнорантскиот однос. Бидејќи повратен одговор како и претходно, немаше, последното прашање е одговорено.
Изминатите денови, Обвинителството е мета и на силни критики од правната фела. Дел од коментарите се во насока дека Обвинителството делува кога извршната власт ќе им даде знак.
„Макфакс“ објави дека по дваесет години седење во државна фотелја, правосудните институции во Македонија не најдоа незаконско постапување кај струшкиот градоначалник Рамиз Мерко од ДУИ. Стејт департментот го стави на црната листа поради корупција, а струшкото Обвинителство отфрли девет од дванаесет кривични пријави, во кои имаше и вакви наводи.
Предметите против Мерко во Обвинителство со години тапкаат во место – го пријавувале граѓани, адвокати, Финансиската полиција.
Минатата недела контроли во судот во Струга почна и Судскиот совет.