Во периодот од 17 до 23 јуни во Струга се играа младинските државни првенства во шах, на кои младите шахисти од ШК Алкалоид беа најбројни учесници, односно имаше 45 претставници од вкупно 154 пријавени јуниори.
Иако на некои од нив ова им беше прв настап на државно првенство, младинците на нашиот најтрофеен шаховски колектив континуирано работат на подобрување на своите шаховски познавања и освоија повеќе медали во различни конкуренции.
Во најбројната група (категорија на играчи до 14 години), меѓу 29 учесници, со убедливи 8 поени од 9 партии шампионскиот трофеј го освои Кирил Николовски, а воедно освои и нови 8 бода за подобрување на сопствениот рејтинг.
На турнирот во категоријата до 18 години имаше повеќе пресврти: Стојан Велкоски со победа над Дино Табаковски во раната фаза на турнирот се етаблираше како фаворит, но потоа изгуби од Теодор Јовановски, кој на крајот го делеше првото место со 4,5 поени од 6 партии, но поради послаб Бухолц-критериум го доби сребрениот медал.
Меѓу играчите до 16 години сребрен медал освои и Никола Бошковски, кој имаше 6,5 поени од 9 кола.
За одбележување е и постигнувањето на седумгодишниот Васил Иванов, кој во категоријата до 8 години успеа да дојде до четвртото место, иако ова му е прв турнир и е една година помлад од ривалите што ги освоија првите три места.
На турнирот за шахистки до 10 години првото место надмоќно го освои Илијана Велева, која имаше максимален учинок со 7 поени од исто толку одиграни партии. Оваа титула за Илијана е четврта по ред. Претходно двапати беше шампионка до 8 години, а претходната година победи во конкуренција на девојчиња до 10 години.
Кај девојчињата до 12 години со сребрен медал се закити Јована Котушеска, додека, пак, со пласманот на третото место бронзен медал во истата конкуренција освои Исидора Лукановска.
Ивана Велкоска го понесе шампионскиот наслов меѓу девојчињата на возраст до 14 години, освојувајќи 6,5 бода од можни 8.
На турнирот за девојчиња до 16 години Јована Давиткова освои сребрен, а Бонита Јакимова бронзен медал. Во генерацијата на девојчиња до 18 години Теодора Велева освои второ место и сребрен медал.
Европското првенство за младинци е закажано од 5 до 14 септември во Мамаја, Романија, а најуспешните млади шахисти ќе ја претставуваат нашата земја на овој собир.
(ПР текст)