Претседателот Стево Пендаровски се обрати на конференцијата „Односите на Соединетите Американски Држави и Северна Македонија во ера на геополитички превирања“ во организација на Претседателскиот центар за политичко образование. На конференцијата се обрати и Анџела Прајс Агелер, амбасадорка на Соединетите американски држави во Република Северна Македонија.
Осврнувајќи се на меѓусебните односи претседателот Пендаровски истакна дека Северна Македонија во САД секогаш гледа како на стратешки партнер. Земјава, како што истакна претседателот Пендаровски е една од неколкуте држави којашто со САД има потпишано Договор за стратешко партнерство. Во таа насока, додаде претседателот Пендаровски, националниот интерес на САД е Северна Македонија да остане во овие граници, да биде демократска и функционална, мултиетничка држава.
„Нашето партнерство со САД е засновано на јасни премиси, јасни вредности кои ги споделуваме. Нашите граѓани во огромен број, и Македонците и Албанците, бидејќи тука има разлика во перцепции, сепак не гледаат друг геополитички актер кој би требало да ја замени улогата кои сами ја имаат како модел на демократија на која се угледуваме“, истакна Пендаровски.
Говорејќи за влијанието на трети земји во државата, но и воопшто во регионот, претседателот Пендаровски подвлече дека истите не се закана за разнишување на партнерството на САД со Северна Македонија.
„Македонско-американското пријателство, стратешко пријателство е на добра основа и тука нема елементи кои можат да го загрозат до степен некој да размислува, следна Влада, следен Парламент, да размислуваат за фундаментална промена на стратешкиот курс на Македонија“, заклучи претседателот Пендаровски.
Според амбасадорката Агелер, нашата земја е несомнено побезбедна како членка на НАТО, има безбедносна гаранција од САД и од другите меѓународни партнери. Придонесот на Северна Македонија од приклучувањето во Алијансата, како што посочи Агелер е извонреден.