Судот во Белград донесе решение со кое му забранува на таткото на момчето убиец да располага со недвижниот и движен имот, чиј сопственик е тој. Одлуката за определување привремени мерки е донесена на предлог на семејствата на убиените деца во основното училиште „Владислав Рибникар“.
Како што соопштија од Вишиот суд во Белград, станува збор за стан во Белград, деловен простор во Белград и патничко моторно возило.
Привремените мерки ќе траат до конечното завршување на кривичната постапка.
Против гореспоменатото решение е дозволена жалба до несудскиот кривичен совет на Вишиот суд во Белград, во рок од три дена од приемот на решението, што не го одлага извршувањето на решението.
Обвинетиот В.К. се товари за кривично дело против општата сигурност од член 288 став 2 во врска со член 278 став 1 од Кривичниот законик.
Според адвокатот Никола Ристовиќ, максималната казна за ова дело е 12 години затвор.
„Доколку настапила тешка телесна повреда на лице или материјална штета од поголеми размери, сторителот ќе се казни со затвор од една до осум години. Но, ако смртта настапила кај едно или повеќе лица, сторителот ќе се казни со затвор од две до 12 години“ – вели Ристовиќ.
Невидената трагедија во Србија се случи на 3 мај во Белград, на Врачар, кога ученик од седмо одделение со пиштолот на својот татко влезе во училиштето „Владислав Рибникар“ и уби деветмина негови врсници и училишниот чувар.