Утрински Весник
Економија

Средба со Мисијата на ММФ: Народната банка со преземените мерки успешно ја одржува стабилноста

Средба со Мисијата на ММФ: Народната банка со преземените мерки успешно ја одржува стабилноста

Мисијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), предводена од г. Жак Минијан, којашто деновиве е во посета на нашата држава, оствари средби со гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска и тимот од Народната банка. Покрај тимот од Вашингтон, на состанокот присуствуваше и резидентната претставничка на ММФ во Република Северна Македонија, Стефани Ебле.

dobivaj vesti na viber

На средбата стана збор за актуелните макроекономски остварувања во земјата, како и за очекувањата и проекциите на Народната банка за следниот период.

Шефот на Мисијата на ММФ, Минијан, истакна дека Народната банка има преземено навремени и соодветни мерки коишто придонесуваат за одржување на финансиската и ценовната стабилност. Затегнувањето на монетарната политика дава резултати, што може да се види од забавувањето на инфлацијата. Сепак, со инфлација којашто сѐ уште е висока и тука, и во странство, треба да се биде претпазлив, со што целосно се согласува и гувернерката. Од друга страна, ММФ ги пофали макропрудентните мерки преземени досега, коишто ја зголемуваат отпорноста на банкарскиот систем на можни ризици. ММФ го оценува банкарскиот систем како здрав и отпорен, со доволен капацитет за справување со можните шокови. Сепак, неизвесноста постои и од клучно значење е да се продолжи со водењето претпазливи политики.

Гувернерката Ангеловска-Бежоска се осврна на мерките преземени досега од страна на централната банка, преку затегнување на монетарната политика и системските мерки за зголемување на отпорноста на банкарскиот систем. Притоа, посочи на трендот на забавување на инфлацијата, постепеното стабилизирање на инфлациските очекувања, поволниот девизен пазар и сѐ поголемата денаризација на депозитната база на банките, како показатели за ефектите од досегашните мерки. Ангеловска-Бежоска особено го истакна банкарскиот сектор, којшто и натаму е стабилен, додавајќи: „Билансите на нашите банки се солидни, високо капитализирани и ликвидни и со солиден квалитет на кредитното портфолио. Сепак, и натаму е неопходно будно следење на состојбите и претпазливост.“

Во однос на макроекономските проекции на Народната банка, беа истакнати очекувањата за стабилизирање на економскиот раст и умерено забрзување на среден рок, како и за постепено забавување на инфлацијата. Притоа, се разговараше и за ризиците за проекциите коишто главно произлегуваат од надворешниот сектор, како и за неизвесноста во поглед на идните движења на светските цени на енергијата и храната и интензитетот на пренос врз домашната инфлација. Исто така, беше посочено и на растот на платите, а особено на соодносот со растот на продуктивноста, како елемент што треба внимателно да се следи. Девизните резерви и натаму се соодветни и овозможуваат непречени монетарни реакции заради остварување на основната цел ‒ ценовната стабилност и стабилноста на девизниот курс на денарот.

На средбата беше изразено задоволство од постојаната соработка помеѓу Народната банка и ММФ.

Можете да прочитате

Скандал: Мицкоски го унапреди условно осудениот бизнис партнер Димовски во ресор „добро владеење”

Советот на Народната банка го усвои Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор за првиот квартал од 2026 година

Употребата на дигиталните канали за плаќања на граѓаните бележи раст и во првиот квартал од 2026 година