Четири деца во Колумбија се пронајдени живи на југот на земјата повеќе од пет недели откако авионот со кој патуваа се урна во густа џунгла, изјави вчера колумбискиот претседател Густаво Петро.
Децата биле спасени од војската во близина на границата меѓу колумбиските провинции Какета и Гуавијаре, во близина на местото каде што се урнал малиот авион.
„Радост за целата земја! Четири деца кои исчезнаа и беа изгубени во колумбиската џунгла се пронајдени живи“, објави Петро преку Твитер.
Малиот авион Цесна 206 превезувал седум лица на патот меѓу Аракуара, државата Амазонас и Сан Хозе дел Гуавиаре, град во државата Гуавијаре, но пријавил аларм за дефект на моторот во раните утрински часови на 1 мај.
Тројцата возрасни лица, меѓу кои и пилотот, загинале како последица на падот, а нивните тела биле пронајдени во авионот. Падот го преживеале четири деца на возраст од 13, 9 и 4 години, како и едно 11 месечно бебе.
Првичните информации од Управата за цивилно воздухопловство, која ги координирала напорите за спасување, сугерираат дека децата избегале од авионот и се упатиле во прашумата за да побараат помош.
Спасувачките тимови, со поддршка на кучиња трагачи, претходно пронашле фрлено овошје, кое наводно децата го јаделе и импровизирани засолништа направени од вегетација од џунгла.
Во спасувачките операции учествуваа авиони и хеликоптери на колумбиската армија и воздухопловните сили.