НСДП го поздравува одржувањето на лидерската средба во насока на политичкото обединување на кое повикавме пред две недели и кое е неопходно за да се загарантира европската иднина на државата.
„Го поздравуваме прогресот во ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за прифаќање на уставните измени, кој процес треба веднаш да се започне во Собранието“, истакнуваат од оваа партија.
НСДП, како што стои во образложението, е спремна со своите пратеници да поддржи влез на ВМРО-ДПМНЕ во Владата со цел остварување на највисокиот стратешки државен интерес-членство во Европската Унија, откако во Собранието заеднички ќе изгласаме прифаќање на Иницијативата за уставните измени.
За НСДП македонскиот јазик и македонскиот идентитет се загарантирани и заштитени со усвојувањето на преговарачката рамка и нема простор за загриженост, тие, како што појаснуваат, се гарантирани од нашите стратешки партнери Европската Унија и САД.
Повикуваат на државнички пристап од сите политички актери, на разум и да не се дозволи државата да стагнира, туку како што велат потребна е одговорност и препознавање на политичкиот моментум за исчекор кон прогрес, реформи и општествен напредок кој го очекуваат граѓаните.