Утрински Весник
Свет

„Волстрит журнал“: Инстаграм ги поврзува педофилите

„Волстрит журнал“: Инстаграм ги поврзува педофилите

Купувачите и продавачите на содржини со малолетнички секс развиле просперитетна мрежа благодарение на алгоритмите за откривање на Инстаграм, платформата за споделување фотографии во сопственост на гигантот Мета, пренесува „Волстрит журнал“.

dobivaj vesti na viber

„Инстаграм ги поврзува педофилите и ги води до продавачите на содржина преку системи за препораки кои се одлични во поврзувањето на оние кои споделуваат интереси“, објави весникот врз основа на истрагите што ги спровел заедно со универзитетот Стенфорд и универзитетот Амхерст во Масачусетс.

Според истражувачите, сексуализираните акаунти на платформата се бесрамни околу своите интереси, но не објавуваaт нелегални материјали, избирајќи наместо тоа да понудат „менија“ на содржина.

„Тие користат одредени емотикони како код, па така мапата значи „лице привлечено од мали“ – еуфемизам за педофил – а пицата со сирење е кратенка за детска порнографија. Многу корисници се опишуваат себеси како љубители на малите нешта во животот,“ вели Брајан Левин, директор на UMass Rescue Lab во Амхерст.

Дури и минорен контакт со педофилски акаунт може да го активира алгоритмот на Инстаграм да почне да го препорачува на други корисници, предупредува Сара Адамс, Канаѓанка која се бори против експлоатацијата на децата.

„Проблемот со Инстаграм се сведува на карактеристиките за откривање содржина, начините на кои се препорачуваат темите и колку платформата се потпира на пребарувањето и врските помеѓу акаунтите“, вели Дејвид Тил, главен технолог во Интернет опсерваторијата на Стенфорд, кој претходно работел во Мета.

Истражувачите велат дека платформата дозволува и пребарувања за кои Мета признава дека се нелегални. Корисниците добиваат известување дека содржината може да содржи „сексуална злоупотреба на деца“ и им нуди две опции: „Get resources“ и „See results anyway“.

Националниот центар за исчезнати и експлоатирани деца, непрофитна организација која работи со американските органи за спроведување на законот, примила 31,9 милиони пријави за детска порнографија во 2022 година.

Платформите во сопственост на Мета сочинуваат 85% од пријавите, а околу пет милиони доаѓаат само од Инстаграм.

Истражувачите од Стенфорд пронајдоа некои профили за секс со деца и на Твитер, но помалку од една третина отколку на Инстаграм, кој има далеку поголема база на корисници проценета на 1,3 милијарди.

Твитер, исто така, не препорачува толку многу акаунти и многу побрзо ги отстранува.

„Експлоатацијата на деца е ужасно злосторство“, изјави портпаролот на Мета.

Компанијата на Марк Цукерберг призна дека имала проблеми во рамките на своите операции за спроведување на правилата и рече дека формирала внатрешна работна група за да се справи со ситуацијата.

Мета активно се обидува да ја отстрани детската порнографија, забранувајќи 490.000 акаунти само во јануари и укина 27 педофилски мрежи во последните две години.

Компанијата, исто така, соопшти дека ги спречила сексуализираните хаштагови и го прилагодила својот систем за препораки откако ги добила резултатите од истрагата на „Волстрит журнал“.

Можете да прочитате

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници

Долниот дом на Парламентот во Австралија го усвои предлог-законот за забрана за користење на социјалните мрежи за деца под 16 години