Принцот Хари стана прв висок член на кралското семејство кој дал исказ од клупата за сведоци во последните 132 години, додека неговата жестока борба против британските таблоиди го достигна пикот во напната пресметка во судницата во вторникот.
Војводата од Сасекс, се појави пред судот во Велика Британија во вторникот за да сведочи во рамки на својата тужба против „Мирор груп“ (МГН). Тој го тужи издавачот на таблоиди поради наводно незаконско собирање информации.
Синот на кралот Чарлс Tрти ја прекрши традицијата осудувајќи ги блиските врски меѓу британските медиуми и владата.
Спротивно на протоколот, петтиот по ред на тронот, исто така, ја осуди британската влада и печатот бидејќи не повикуваат одговорност еден од друг. Членовите на кралското семејство обично ја следат истата практика како и монархот, кој, како шеф на британската држава, би требало да биде над политиката.
Во писмената изјава до Високиот суд, тој вели: „Демократијата пропаѓа кога вашите печатени медиуми не успеваат да ја испитаат и да ја повикаат владата на одговорност, и наместо тоа избираат да влезат во кревет со неа за да обезбедат статус кво.“
„Според мене, за да се спаси новинарството како професија, новинарите треба да ги разоткријат оние луѓе во медиумите кои ги злоупотребиле привилегиите и моќта на медиумот и, користеле незаконски средства за сопствена корист и сопствени агенди.“
38-годишникот има турбулентен однос со печатените медиуми, сметајќи дека весниците и папараците се одговорни за смртта на неговата мајка принцезата Дијана.
Хари изјави дека трпи инвазија од печатените медиуми поголемиот дел од својот живот до денес. Тој ги обвини весниците дека со крајно подлите постапки имаат крв на нивните раце.
„Уште колку крв ќе ги извалка нивните прсти пред некој да го запре ова лудило“, рече тој во изјавата како сведок.
„Тогаш си или ‘плејбој принцот’, ‘неуспешниот’, ‘исфрлениот’ или, во мојот случај, ‘дебелиот’, ‘измамникот’, ‘малолетниот алкохоличар’, ‘неодговорниот наркоман’… списокот продолжува.“
„Тоа беше надолна спирала, при што таблоидите постојано се обидуваа да ме наговорат, мене, ‘оштетен млад човек’, да сторам нешто глупаво што ќе направи добра приказна и ќе продаде многу весници,“ вели Хари во долгата писмена изјава. „Гледајќи наназад сега, таквото однесување од нивна страна е крајно подло.“
„Искрено чувствувам дека во секоја врска што некогаш сум ја имал – било со пријатели, девојки, со семејството или со војската, секогаш имало трета страна, таблоидите,“ стои во писмената изјава на Хари.
„Чувствував дека не можам да верувам никому, што беше ужасно чувство, особено на толку млада возраст. Додека го откривам обемот на незаконски активности извршени од новинари на МГН и раководители, се чувствувам малку олеснето бидејќи знам дека мојата параноја кон моите пријатели и семејството, всушност, била на погрешно место, сепак тажно е колку тоа влијаеше на мојата адолесценција.“