Во официјалното решение со кое се разрешува од функцијата директор кардиохиругот Сашко Јовев стои објаснување дека на Клиниката има листи за исплата на дежурства, без согласност од министерот, рече Мите Михајловски, адвокат на лекарот. Адвокатот најави тужба и обвини дека вина на министерот е што немало согласност да се организира дежурство.
„Решението е навреда за здравиот разум на сите нас. Во решението стои дека за 2022 година има исплатни листи за дежурства, а дежурството не го одобрил министерот за здравство. Замислете, доаѓа некој со итна потреба на клиниката, да му рече портирот – извинете немаме согласност од министерот, дојдете утре. Само тоа е причината. Само дежурството. Вчера слушнавме дека кој знае какви злоупотреби имало од страна на професорот Јовев, но единствена причина е дежурство. Јас, еве како правник, поставувам прашање – како може оваа Клиника да нема дежурство? Не може. Злоупотреба е од министерот ако не дал согласност да се организира дежурството. Апсолутно нема никаква причина за разрешувањето, од далеку се гледа дека нема повреда туку е друго нешто во позадина“, рече адвокатот Михајловски.
Тој апелираше до колегите лекари на Јовев и до директорите да се обединат, сега, оти ако не се спасат сега, втора шанса нема да имаат.
Голем број пациенти денес се појавија пред Клиниката за да го поддржат директорот. Заедно со Јовев побараа Министерството да ја преиспита одлуката за негово разрешување.