Полицијата во Хонг Конг соопшти дека денеска уапсила осум лица во близина на градскиот парк, од кои четворица поради немири и непристојно однесување, додека властите ги зајакнаа безбедносните мерки на 34-годишнина од крвавото задушување на продемократските протести на главниот плоштад во Пекинг.
Ограничувањата на Хонг Конг ги намалија некогашните најголеми бдеења за одбележување на крвавиот инцидент кога кинеска војска во 1989 година ги задуши продемократските протести на главниот плоштад во Пекинг, оставајќи ги градовите како Лондон, Њујорк, Берлин и Тајпеј да ја одбележат годишнината на 4 јуни.
Комеморации се очекуваат на најмалку триесет локации во Северна Америка, Европа и Азија. Осум лица беа уапсени во близина на паркот Викторија, каде со години по 1989 година продемократски активисти се собираа на годишнината од протестите на Тјенанмен. Меѓу нив беше и уметникот Санму Чан, кој извикуваше „не заборавајте го 4-ти јуни, жители на Хонгконг, не плашете се“ додека беше одведен од полицијата, според снимките што ги виде Ројтерс.
Полицијата соопшти дека осум лица биле уапсени поради изложување на протестни предмети заедно со бунтовнички зборови, скандирања и незаконски дејствија. Активистите од Хонг Конг велат дека репресијата е дел од пошироката кинеска кампања за ставање крај на немирите во градот на кој му се ветуваа посебни слободи 50 години според формулата „една земја, два системи“ кога поранешната колонијална сила Велика Британија и го предаде на Кина во 1997 година.
Безбедноста е значително зајакната низ Хонг Конг оваа година, со распоредени 6.000 полицајци, вклучително и службеници за немири и контратероризам, објави јавната телевизија. Високи функционери ги предупредија луѓето да го почитуваат законот. Во Пекинг, плоштадот Тјенанмен беше преполн со туристи кои се фотографираа под будното око на полицијата и другиот персонал, но без очигледни знаци на зголемена безбедност.
Група роднини на жртвите наречени Мајки од Тјенанмен изјавија дека на страдањата им нема крај. „Иако поминаа 34 години, ние, членовите на семејствата на убиените, болката од губењето на нашите најблиски во таа една ноќ продолжува да не мачи“, се вели во соопштението на групата објавено од њујоршката организација Човекови права во Кина.