Тинејџерот од Борусија Дортмунд, Џуд Белингем е прогласен за најдобар играч во германската Бундес лига за сезоната 2022/23. во која неговиот тим остана без шампионската титула во последното коло од шампионатот кога пред своите гледачи не успеа да го совлада Мајнц.
Англискиот репрезентативец индивидуално имаше успешна сезона. Уште повеќе го привлече вниманието на богатите клубови. Шпанските медиуми пишуваа дека тој наскоро би требало да го реализира трасферот во Реал Мадрид.
Таму треба веднаш да ја преземе диригентската палка во редот за врска. Белингем е причината што Лука Модриќ, се уште не добил нов договор од клубот. Шпанците тврдат дека Модриќ мора даприфати да му биде резерва на Белингем доколку сака да остане во клубот.
Трансферот треба да биде вреден 100 милиони евра, плус различни бонуси кои зависат од неговиот учинок и бројот на настапи. „Марка“, откри дека претставниците на Реал биле во Дортмунд за да го финализираат трансферот и дека истиот може да биде потврден оваа недела.
Шпанските новинари тврдат дека Белингем имал подобри финансиски понуди, но неговата желба била да дојде во Реал. Белингем нема веднаш да биде меѓу најплатените играчи на Реал, истакнува „Марка“, но тоа ќе дојде со текот на времето. Тој ќе потпише договор на шест години.
Да потсетиме, најскапиот играч на Реал досега е Еден Азар (115 милиони евра), втор Герет Бејл (101 милиони евра), трет Кристијано Роналдо (94 милиони евра).
Белингем ја започна својата кариера во Бирмингем. Борусија Дортмунд го купи во 2020 година, кога имаше 16 години, за германскиот клуб забележа 132 настапи (26 гола и 25 асистенции). Според „Трансфермаркт“, на фудбалскиот пазар тој вреди 120 милиони евра.