Утрински Весник
Економија

Бојчева-Терзијан од Народната банка: Растот на зелените финансии ‒ поддршка на енергетската транзиција на економијата

Бојчева-Терзијан од Народната банка: Растот на зелените финансии ‒ поддршка на енергетската транзиција на економијата

На бизнис-форумот „Економски перспективи за предвидлив развој“ во организација на агенцијата „Марили“ учествуваше директорката на Секторот за монетарна политика, истражување и статистика при Народната банка, Султанија Бојчева-Терзијан.

dobivaj vesti na viber

Темите што беа обработувани на бизнис-форумот се однесуваа на одржливата економија, особено енергетските предизвици како нови можности во економијата, како и политиките и моделите за одржлив развој на земјоделството и прехранбената индустрија.

Директорката Бојчева-Терзијан во својата презентација под наслов „Што ја очекува македонската економија во следниот период? – поглед преку пролетните макроекономски проекции на централната банка“, се осврна на тековните состојби, како и на очекувањата за економијата за годинава и на среден рок, во согласност со последниот, мајски циклус макроекономски проекции на Народната банка. Во контекст на енергетските предизвици, Бојчева-Терзијан го истакна влијанието на енергетската криза врз екстерната позиција во земјава, како и врз инфлацијата во 2022 година. Во следниот период, имајќи ги предвид очекувањата за значително намалување на светските цени на енергијата и храната, можно е позначително намалување на трговскиот дефицит и на ценовните притисоци, односно нивна стабилизација на нивоата како и пред кризата. Затоа, треба да му се посвети внимание на поттикнувањето на зелените финансии, како дел од заложбите за зелената транзиција. „Преку осмислување зелени финансиски продукти и канализирање на ресурсите во зелени инвестиции, финансискиот сектор може да даде значителна поддршка на енергетската транзиција на економијата“, истакнува Бојчева-Терзијан.

Во моментов, учеството на зелените финансии е релативно мало, но банките сѐ повеќе се посветуваат на зелените кредити, коишто се значаен иден потенцијал за финансирање проекти за животната средина и воопшто, за одржлив раст. Народната банка воспостави редовен систем за прибирање подетални податоци за зеленото финансирање. „Податоците од банките за одобрените кредити за зелено финансирање покажуваат дека зеленото кредитирање бележи постојан раст и на крајот на 2022 година, во споредба со 2019 година, е зголемено за 114%. Вкупниот износ на зелените кредити на крајот на 2022 година изнесува околу 250 милиони евра. Тие учествуваат со 3,6% во вкупните кредити, но нивното учество постојано се зголемува. Зелените кредити им се одобруваат и на претпријатијата, и на населението, но претежно на претпријатијата“, посочи директорката Бојчева-Терзијан.

Народната банка презеде повеќе активности за поттикнување на зеленото финансирање изминатите неколку години. „Во рамките на монетарните мерки е донесена одлука за промена кај инструментот за задолжителна резерва, со која се поттикнува кредитирањето на проектите поврзани со домашното производство на електрична енергија од обновливи извори, а се подготвува и Стратегија за активностите на Народната банка во доменот на управувањето со климатските ризици“, наведе Бојчева-Терзијан.

Бизнис-форумот е дел од манифестацијата „Избор на најуспешни жени менаџери“, којашто се одржува 27 години по ред и има за цел да ја зголеми јавната свест за придонесот што го дава жената и што може да го даде во развојот на општеството и на економијата.

Можете да прочитате

Битиќи: ВМРО-ДПМНЕ одби амандман за набавка на еколошки автобуси

Стојаноски: Владата предводена од ВМРО ДПМНЕ постигна историски договор со најниска каматна стапка за стопанството

Денови на финансиска писменост – 24info.mk