Младиот Мемет Камбер, продавач на „Лице в лице“, кој почина на 19 години без лична карта, а неговата прва посета во болница беше и последна, ја добива граѓанската поддршка, но, не и таа од системот. Тој не го познава, не го препознава, и не прави обид да ги решава покомплексните ситуации, пишува „Лице в лице“.
Од Здружението на млади правници, по години застапување, повторно апелираат што поскоро да се донесе Закон за измени и дополнување на закон за лична карта и Закон за пријавување на живеалиште со кои ќе им се овозможи на ранливите и социјално загрозените лица кои живеат во нелегализирани објекти да добијат пристап до лична документација.
Александра Ефремова од ова здружение за „Лице в лице“, вели дека е несфатливо, во 21 век, млади луѓе да починат како „невидливи“ и покрај нивната заложба да се интегрирани во општеството. Смета дека предизвиците кај оваа група се комплексни, но, дека системските решенија треба да бидат флексибилни и адаптирани.
„Само промена на овие закони може да донесе системски решенија за овие наши сограѓани. Потребно е да имаат право, да им се овозможи како адреса на живеење да се впише адреса од центар за социјална работа, или адреса на општината каде живеат. Тоа го има и во други држави. Или, пак, да се олесни пакетот документација потребен за личен документ“, нагласува Ефремова.
Законот за измени и дополнување на закон за лична карта и Закон за пријавување на живеалиште, се подготвуваа уште пред почетокот на пандемиската криза. Но, зошто сѐ уште не се донесени, одговор во моментов нема. Она што го посочуваат правните експерти е дека е крајно време правото на здравствена заштита да не се врзува за тоа дали лицето има лични документи или не, додава весникот по случајот со Мемет.