Утрински Весник
Свет

Градоначалниците на Звечан и Зубин Поток положија заклетва

Градоначалниците на Звечан и Зубин Поток положија заклетва

Полагајќи заклетва претходно утринава, градоначалниците на општините Звечан и Зубин Поток на северот од Косово и официјално стапија на должност по априлските вонредни локални избори на кои гласаа замо 3,47 отсто од гласачите, пренесува „Радио Слободна Европа“.

dobivaj vesti na viber

Новоизбраниот градоначалник на општина Лепосавиќ ќе ја преземе функцијата во текот на денот.

Заклетвата не се одржа во општинските згради, како што е вообичаена практика, туку во јавни згради односно во села во кои живее албанско население. Вакво нешто се случува бидејќи во општинските згради се сместени привремените органи кои работат во српскиот систем, а новите градоначалници немаат пристап до нив.

Само во Северна Митровица има општинска зграда која работи по косовски систем, а на 19 мај во неа функцијата ја презеде Ерден Атиќ од Самоопределување.

Новиот градоначалник на Зубин Поток, Измир Зеќири, стапи на функција во просториите на општинската канцеларија за заедници во селото Чабар, а градоначалникот на Звечан, Иљир Пеци, во село Бољетин, во зградата на основното училиште „Иса Бољетини“.

Зеќири по заклетвата рече дека за време на неговиот мандат нема да има разлики меѓу граѓаните.

„Одговорноста ќе биде на највисоко ниво, ќе даваме услуги за сите граѓани на општина Зубин Поток, без никаква разлика“, рече тој по преземањето на мандатот.

Зеќири истакна дека сите објекти на територијата на општина Зубин Поток се на граѓаните и дека новата локална власт ќе ги извршува своите обврски од општинската зграда во самиот град.

Градоначалникот на Звечан, Пеци, од друга страна, не можеше да им каже на новинарите дали и кога новото локално раководство би можело да влезе во општинската зграда, во која се наоѓаат и паралелните српски власти.

Косовските општини досега функционираа во истата зграда како и привремените општински власти кои работат во српскиот систем. Во некои општини дури и градоначалниците беа исти и во двата система.

„Ќе работам за сите. Со сите граѓани на општина Звечан ќе се однесувам еднакво“, рече Пеци.

Локалните избори на северот од Косово се одржаа на 23 април по оставката на градоначалниците од редовите на Српската листа – најголемата партија на косовските Срби – кои ѝ се спротивставија на одлуката на владата на Косово да го спроведе процесот на пререгистрација од српски на косовски таблички.

Изборите беа бојкотирани од мнозинското српско население во тој регион, кое сега не ги прифаќа резултатите, односно новите градоначалници од редовите на албанската заедница.

Раководството на Српска листа најави дека, од 1 јуни, припадниците на српската заедница „со сите средства ќе се бранат од репресијата на владата на Косово“, истакнувајќи дека „окупацијата на северот“ започнала со преземањето на функцијата градоначалник на Митровица.

Ваквиот став на Српска листа го поддржа и официјален Белград, а директорот на Канцеларијата за Косово на владата на Србија, Петар Петковиќ, изјави дека косовскиот премиер Курти „сака да го протера српскиот народ од Косово и да предизвика војна“.

Можете да прочитате

Русија го подготвува ракетниот систем „Сармат“ за оперативна готовност

На Германија годишно и се потребни 288.000 странски работници

Долниот дом на Парламентот во Австралија го усвои предлог-законот за забрана за користење на социјалните мрежи за деца под 16 години