Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска ги претстави најновите макроекономски проекции на Народната банка пред дипломатскиот кор и пред претставниците на меѓународните институции. Taa нагласи дека се предвидува намалување на инфлацијата во 2023 година, која би изнесувала до 9 %.
„Минатата година просечната инфлација изнесуваше 14,1%, во целост во согласност со нашата проекција (14,2%), а и остварувањата од почетокот на оваа година се совпаѓаат со нашата проекција за 2023 година. Имајќи ги предвид досегашните остварувања, како и проекциите на меѓународните финансиски институции за пад / стабилизирање на цените на храната и енергијата, затегнувањето на монетарните услови и другите мерки, се предвидува забавување на инфлацијата, односно таа би се свела на едноцифрено ниво од 8% до 9% во 2023 година, а потоа на среден рок би забележала натамошно намалување и сведување под 3%, како што беше и октомвриската проекција. Со оглед на геополитичките случувања, ризиците околу проекцијата за инфлацијата и натаму постојат, но засега проекциите на МФИ предвидуваат поголем пад на цените на примарните производи, што упатува и на одредени надолни ризици. Потребно е и внимателно следење на сите мерки коишто влијаат на агрегатната побарувачка“ рече Ангеловска-Бежоска.
Гувернерката истакна дека идната поставеност на монетарната политика ќе зависи од динамиката на инфлацијата и инфлациските очекувања, но и од движењата на девизниот пазар и нивото на девизните резерви.
„Во моментов, надворешната позиција на домашната економија во овој циклус се оценува како поповолна, при значително помал притисок врз тековната сметка во 2023 година, пред сѐ заради падот на цените на енергентите. Ова позитивно се одразува на девизните резерви. Во услови на очекувани солидни текови во финансиската сметка, се очекува дека девизните резерви и натаму ќе растат на збирна основа и ќе се задржат на соодветно ниво, што е потребно за одржување стабилен курс на денарот“ изјави гувернерката.
Во текот на презентацијата гувернерката се осврна и на очекувањата за економската активност. Растот на македонската економија во 2023 година се очекува дека ќе изнесува 2,1% (еднаков со остварениот претходната година) и потоа на среден рок би забрзал на 3,6% во 2024 година и на 4% во 2025 година.