Утрински Весник
Култура

Русјаков за поетот Марко: Ми недостасува уште еден разговор со тебе за Вуди Ален и Шериф Меклауд

Русјаков за поетот Марко: Ми недостасува уште еден разговор со тебе за Вуди Ален и Шериф Меклауд

Актерот и поет, филмски творец, критичар, есеист, радио водител и преведувач Марко Петрушевски, починал пред неколку дена во Скопје, на 47 години.

dobivaj vesti na viber

По објавувањето на веста за неговата смрт, писателот Александар Русјаков вчера со емотивен текст се прости од Петрушевски:

ПЕТ МИНУТИ
– на Марко

Сношти, кога ми јавија
Дека си дал неотповиклива оставка
Од животната функција
Посакав да измолам од Бога
Да ни подари пет минути
За да испушиме една цигара
Онаа иста цигара…
Што животот го скратува за пет минути
Ама ако ги заштедиш
(непалејќи ја цигарата)
Сигурно ќе ти врне на главата
Како што знаеше да каже
Оној луд Евреин кој ги имаше
Сите одговори за сексот
На прашањата што не смее да се постават
Сега, кога си појден на пат
За кој сите ние барем еднаш сме фантазирале
По толку години во кои
Ниту еднаш чекорите не ни се разминаа
Ми недостасува уште еден разговор со тебе
За Вуди Ален и Шериф Меклауд
За Чарлс Буковски и солзите на неостварената љубов
За клубот на Фројд и Гручо Маркс
Каде не би влегле ако примаат членови како нас
Не знам дали
Во куферот за пакување сеќавања
Во папката за неостварени љубовни мечтаења
Ја понесе и онаа наша
До солзи смешна
Од тажни насмевки исткаена приказна
Во која јас и ти љубиме иста девојка
А таа не мисли на ниту еден од нас двајцата
Па во оние бескрајни прошетки
Низ кои ја меревме душата на градот
Собирајќи ги туѓите воздишки
Измешани со отпадоците на светот
Водевме двобој
Пукавме болни стихови еден во друг
Згрчени зборови што отвараат рани на душата
Љубивни песни за неа
Мислевме дека во нас
Никогаш нема да се вљуби убавината
Не онаа на Достоевски што требаше
Светот да го спасува
Туку убавината околу женска душа спакувана
Дотерана, нашминкана, фризирана
Извадена на ачик пред машката похота
Безобразно расприкажана
Додека во совршен ритам ни го врти грбот
За да видиме како тие гради и колкови
Пет сантиметри одлепени од земјата
Заминуваат во потрага по убавина слична на својата
Ние… се сеќаваш ли… ?
Моравме да зборуваме, гласно да сонуваме,
Да малтретираме со мечти и стихови
Душевен стриптиз што предизвикува
Емотивни оргазми во женската утроба
Биди поет, така си велевме
За нив ѕвездите претвори ги во зборови
Направи им го срцето книга
Во која ќе ја запишеш својата поезија
Каде таа е муза одовде, па до вечноста
Укради им ја душата,
Всели им се под кожата
За да ја добиеш… во еден миг
Телесната убавина што ќе го спаси светот
На твојата самотија
А потоа, секој од нас
Тргна да го бара својот ќор-сокак
Јас се најдов во битка со демоните
И битката секако ја загубив
За тебе…
Одвреме навреме слушав зборови
Избегнував да ги сместам
Среде стварноста, моите чекори
Пијани и надувани соништа
Оргии со страсти и недопишани романи
Жени на кои им ја изневерував љубовта
Ниски удари, високи очекувања
Очекувања, исчекувања
Кои секако не се случија
И некако како да заборавив
На сето она што сме го пееле заедно
Под ѕвездите на налудничавата вселена
И така сè до сношти
Кога ми јавија дека си дал
Неотповиклива оставка од животната функција
Еден ден и јас ќе мора да си поднесам оставка
Можеби веќе утре
Но, којзнае што ми спремила иднината
Ама кога ќе дојде тој ден
Ноќ кога ќе се збогувам со приказнава
Се надевам ќе те најдам
На некоја клупа каде може да се избега
Од времето, просторот и вечноста
За да седнеме, барем пет минути
На една цигара, па да ми раскажеш
Дали и во пеколот не пуштаат на врата
Ако крај тебе не врви згодна девојка
Има ли во чистилиштето барем еден
Чистач на чевли
Што знае шеги за Данте и осаменоста
Најде ли во рајот муза
На која стихот може да и ја возбуди утробата

Веста за смртта на Петрушевски ја објави порталот „Окно“, од каде што напишаа: Марко беше длабок и аналитичен (и кога се зборува за него, ова навистина не се флоскули), но на непретенциозен, духовит начин. Беше од оние луѓе кои секогаш ќе се одлучат и најсериозните работи да ги раскажат со голема доза на хумор и смеа. Неговиот хумор беше луциден, пробиваше и истовремено просветлуваше. Секако, тоа се однесуваше и на самиот него, па себеси никогаш не се поштедуваше и со задоволство се прикажуваше во истото комично светло.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“