На 19 мај во Домот на културата во Охрид, со почеток во 20 часот актерката Весна Петрушевска ќе ја одржи својата стендап-претстава „Влези не се соблакај“.
„Петок е вистински ден за излегување и вè чекам на претстава заедно да уживаме“, вели Петрушевска.
Стендап-претставата „Влези, не се соблакај“, е исповед за животот на Весна Петрушевска, во која во час и половина низ солзи и смеа се раскажуваат нејзините подеми и падови, како и најзначајните моменти од нејзиниот живот, детството, младоста, мажачката и инцидентот со автомобилот што ѝ падна во Вардар. Актерката низ хумор раскажува како го запознала и се венчала со својот поранешен сопруг, но и за врската со помладото момче, со кого откако раскинала, ослабнала 20 килограми. Раскажува и за тешките моменти на својот живот и за тоа како никогаш не верувала дека ќе падне во клиничка депресија.