Кемал Киличдароглу, лидерот на најголемата опозициска партија во Турција и клучен ривал на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на претседателските избори в недела, ја обвини Москва за ширење заговори и ја предупреди да не се меша во внатрешните работите на Турција, пренесува РТ.
Во Турција в недела, 14 мај, ќе се одржат и претседателски и парламентарни избори.
Во објава на турски и руски јазик на „Твитер“ во четвртокот, Киличдароглу, лидер на Републиканската народна партија (ЦХП), напиша:
„Почитувани руски пријатели. Вие стоите зад монтажите, заговорите, дип-фејковите и снимките што беа откриени вчера. Ако го сакате нашето пријателство по 15 мај, тргнете ги рацете од турската држава“.
Sevgili Rus Dostlarımız,
Dün bu ülkede ortaya saçılan montajlar, kumpaslar, Deep Fake içerikler, kasetlerin arkasında siz varsınız. Eğer 15 Mayıs sonrası dostluğumuzun devamını istiyorsanız, elinizi Türk’ün devletinden çekin. Biz hala işbirlikten ve dostluktan yanayız.— Kemal Kılıçdaroğlu (@kilicdarogluk) May 11, 2023
Не давајќи повеќе детали за обвинувањата, тој додаде дека сè уште се залага за соработка и пријателство со Русија.
Киличдароглу во моментот води во анкетите пред актуелниот претседател Реџеп Таип Ердоган, кој ја води земјата од 2014 година и беше премиер 11 години пред тоа.
Неговата изјава доаѓа откако лидерот на Татковинската партија, Мухарем Инџе, во четвртокот се откажа од претседателската трка тврдејќи дека против него била водена клеветничка кампања.
Според турските медиуми, Инџе ја објавил својата одлука откога на интернет се појави видео на кое наводно се гледа дека тој има вонбрачна врска и се вози во скапи автомобили.
„Ова е дело на ѓуленистичката терористичка група“, рече Инџе алудирајќи на поддржувачите на прогонетиот Фетула Ѓулен, кој живее во САД.
Сега во трката за претседателската функција останаа Ердоган, Киличдароглу и Синан Оган. Анкетите на јавното мислење покажуваат дека актуелниот турски претседател е зад Киличдароглу за пет процентни поени.
Коментирајќи ги претстојните избори во Турција, рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, истакна минатиот месец дека Москва никогаш не се меша во внатрешните работи на другите земји.