Том Хенкс откри дека на почетокот не очекувал дека неговата оскаровска улога во „Форест Гамп“ од 1994 година ќе наиде на добра реакција кај публиката.
„Му реков на режисерот: дали на некој ќе му се допадне овој филм? Човеков седи во овие глупави чевли и овој кукавички костум со куфер полн книги ‘Љубопитниот Џорџ’ и слични работи. Дали правиме нешто овде што ќе има смисла за некој?“, изјави Хенкс за „Њујоркер“ и додаде дека режисерот Роберт Земекис го нарекол филмот „минско поле“.
Во тоа време, Земекис веќе ги режираше „Враќање во иднината“, „Кој го намести зајакот Роџер“ и „Лов на зелениот дијамант“ пред да го направи „Форест Гамп“. Подоцна повторно ќе го режира Хенкс во Cast Away, The Polar Express, минатогодишниот „Пинокио“ и претстојниот „Тука“.
Хенкс додаде дека Земекис го научил да има верба во она што го снимаат, а за сè друго да се грижи подоцна.
Минатата година 66-годишниот актер го бранеше освоениот „Оскар“ за овој филм од критиките дека го искористил бранот на „бумерска носталгија“ победувајќи ги Pulp Fiction („Евтини приказни“) и The Shawshank Redemption („Бегство од Шошенк“) во трката за престижната статуетка.
„Проблемот со ‘Форест Гамп’ е што заработи милијарда долари. Доколку снимивме само успешен филм, Боб Земекис и јас ќе бевме генијалци. Меѓутоа, бидејќи снимивме неверојатно успешен филм, бевме ѓаволски генијалци.,“ рече Хенкс за „Њујорк тајмс“.