Ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, бара правда од Апелација за предметот „ТНТ“ кој се однесува за уривањето на објектот „Космос“. Остана на тврдењето дека не постапил незаконски и дека тоа е потврдено со 36 одлуки, пресуди и решенија. На судечкиот совет им посочи дека во пресудата на Кривичен суд има низа на пропусти, па побара да биде ослободен или предметот да се врати на повторно судење.
Прво, постои решение и 36 Одлуки, пресуди и решенија на Управен суд, Основен граѓански суд, Врховен суд на РСМ, со кои е утврдена законитост во постапувањето на Општина Гази Баба т.е дека решението за уривање е законито. Второ, дека не постои основ за штета т.е се одбива барањето на оштетениот за надомест на штета. Дури и Уставнот суд со одлука од 21.12.2011 утврдил дека не постои дискриминација на Фијат Цановски, по основ на политичка припадност. И покрај тоа што сите претходно споменати судски одлуки се во правен промет, значи ниту се изменети или пак, поништени, во обжалената пресуда, Основниот кривичен суд Скопје утврдува дека решението е незаконито, дека незаконски се рушело и дека му следи штета на Фијат Цановски и неговата фирма. Имено, Судот воопшто не ги анализира овие пресуди и само констатира дека истите не биле спротивни на обвинителниот акт што е апсолутна невистина. Исто така во целост е погрешно повикувањето на бланкетните норми кои не се однесуваат на Решение за рушење туку за санација на кров. За потсетување и самиот Фијат Цановски призна дека градел спротивно на одобрението за градење но судот процени дека треба да донеси пресуда со цел остварување на лична корист на Цановски“, рече Јанакиески во Апелација.
Тој додаде дека на денот на објавување на пресуда тој бил осуден на три години затвор, а во писмено изработената пресуда е осуден на 3 години и шест месеци. Негираше дека го поттикнал тогашниот градоначалник на Гази Баба, Тони Трајковски, незаконски да го урива „Космос“, посочувајќи дека немал ниту еден котакт.
„Не постои ниту еден доказ дека сум имал било каков контакт со Тони Трајковски и покрај над 80.000 незаконски снимки и над 200.000 смс пораки за кои СЈО на времето тврдеше дека имало во целокупниот материјал што им бил на располагање“, додаде Јанакиески.
Бурим Рустеми, го нарече „незаконски обвинител“.
„Овој предмет незаконски го застапуваше обвинител т.е виш јавен обвинтиел кој замислете како виш обвинител поднесе и жалба на пресудата. Каде е тука двостепеноста во постапката? Имено, цело време од одбраната се криеше фактот, но тоа го утврдивме при увид дека по влегување во сила на новиот закон за јавно обвинителство и по именувањето на Бурим Рустеми за Виш јавен обвинител дека на ден 9.11.2020 година Јавниот обвинител Љубомир Јовевски го овластува обвинителот Гаврил Бубевски да го води овој предмет. На одбраната не и беа дадени сите докази што е еклатантно кршење на правата на одбраната за што има став и ЕСЧП. На пример од листинзите на мобилниот телефон на Фијат Цановски што сам ги достав, јасно се гледа дека во критичниот период има 9 пораки помеѓу Груевски и Фијат Цановски а обвинителството достави 5“, додаде Јанакиески.
Се осврна и на вештачењето од Мирослав Грчев
„За ова вештачење има поднесок од одбраната дека неговото сведочење е незаконски бидејќи вештачел на копии, не смее и не можел да вештачи согласно законот за вештачење, бил во кумашински врски со судијата кој постапувал во прв степен во овој предмет како претседател на совет и ја донел сега обжалената пресуда и најбитно како тоа урбаниста вештачи за градба но судот спротивно на ЗКП не се произнесе по овој поднесок како што не се произнесе и за други 12 поднесоци кои се од суштински карактер“, посочи Јанакиески.
Дециден е дека пресудата е нејасна и неразбилива. Тврди дека не се наведени 248 докази изведени во текот на постапката.
„Не е утврдено кој е оштетен во пресудата, постојат три различни правни или физички лица кои судот ги утврдува како оштетени за истата наводна штета; Во пресудата ги наведува сведоците како сведоци на Обвинителство но истите беа и на одбраната, но тоа не е нотирано во пресудата; Судот како вешти лица на одбраната ги наведува Александар Петровски, Горан Смилевски, Емилио Фришчиќ и вешти лица Павле Гацов и Насер Хоџа. Ова е погрешна утврдена состојба бидејќи овие се вешти лица на обвинителството, а не на одбраната; Во пресудата нема наведено 248 докази кои беа изведени во текот на главната расправа. Судот не извршил анализа на стручните докази (мислењата на техничките советници) предложени од одбраната наспроти опсежната анализа на стручните докази предложени од обвинителството“, рече Јанакиески во дел од образложението.
Им посочи на судиите да ја имаат во предвид поврзаноста на предметот „ТНТ“ и предметот „Рекет 2“.
„Но исто така пред да ја носите пресудата Ве молам да ги имате во предвид и аспектите кои излегоа во јавноста во врска со тесната поврзаност на предметот ТНТ со предметот Рекет 2, а никогаш не беа расчистени и покрај поднесоците на одбраната пред се околу искажаната благодараност на Ардијан Амзоски ден пред повлекување на обвинителниот акт од страна на тогашното СЈО кое се водеше токму за овој ист кривично правен настан“, додава Јанакиески.
Судиите Огнен Ставрев и Осман Шабани донесоа осудителни пресуди за сите обвинети за случајот познат како „ТНТ“, за уривањето на објектот „Космос“ сопственост на бизнисменот Фијат Цановски. Експремиерот Никола Груевски, кој се гони за поттикнување, односно злоупотреба на службената положба и овластување, доби девет години затвор. На поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески му се досудени три години затвор.