Манчестер јунајтед загуби со 1:0 на гостувањето кај Вест Хем во 35. коло од Премиер лигата. Со вториот пораз во низа, избраниците на Ерик тен Хаг го компримитираа четвртото место во Премиер лигата. Петтопласираниот Ливерпул има само бод помалку со еден одигран натпревар повеќе.
Единствениот гол беше дело на Саид Бенрахма во 27. минута, по големата грешка на Давид де Хеа. Бенрахма шутираше прилично слабо од околу 20 метри, но голманот на Јунајтед реагираше катастрофално и дозволи топката да влезе во голот.
По натпреварот, Тен Хаг му даде поддршка на својот 32. годишен голман, чиј договор истекува на крајот од сезоната.
„Сакаме Давид де Хеа да остане во Манчестер јунајтед и сакаме да го продолжи договорот. Сакаме да биде со нас и следната сезона“, изјави Тен Хаг.