Народната банка и Комисијата за спречување и заштита од дискриминација склучија Меморандум за соработка, со кој се овозможува размена на искуства и знаења, добри практики, како и стручна консултација за прашања од интерес.
Меморандумот има за цел да ја промовира еднаквоста и недискриминацијата, да ги зајакне институционалните капацитети и меѓусебната поддршка и да поттикне заеднички иницијативи во областа на еднаквоста и недискриминацијата. Спроведувањето на одредбите на Меморандумот е значајно за двете институции, со оглед на тоа дека директната и отворена соработка ќе придонесе за унапредување на примената на принципите на еднаквост и недискриминација. За спроведување на Меморандумот се предвидени обуки за прашањата поврзани со дискриминаторските практики и трендови, заради јакнење на капацитетите на вработените и спречување на дискриминацијата, соопштија од НБРМ.
Притоа, гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска истакна дека институционализирањето на соработката со Комисијата е уште еден показател за интересот на банката за практикување здрава и етичка институционална култура, со еднакви можности за сите. Претседателот на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, Исмаил Камбери, посочи дека Народната банка е одличен пример помеѓу институциите во земјава од аспект на поддршката на еднаквоста и борбата против дискриминацијата.
Зајакнувањето на соработката со Комисијата за спречување и заштита од дискриминација е активност на Народната банка за поддршка на примената на принципите на Законот за спречување и заштита од дискриминација, преку одржување високи етички стандарди и примена на висок степен на професионално и непристрасно постапување при спроведувањето на целите и задачите.
_______