Љубомир Савевски повеќе не е селектор на женската ракометна репрезентација на Македонија. Савевски и Ракометната федерација на Македонија (РФМ), договориле спогодбен раскин на соработката.
„Ракометната федерација на Македонија ја известува јавноста дека македонската куќа на ракометот и г. Љубомир Савевски, на 05 мај 2023 г., взаемно се спогодија да ја прекинат соработката околу ангажманот на женските македонски ракометни категории“, се вели во кусото соопштение објавено на интернет страницата на РФМ.
Савевски беше селектор од јуни 2021 до мај 2023 година.
Ја предводеше Македонија на ЕП Словенија, Црна Гора и Македонија. Македонија забележа три порази и го освои 16. место.
Минатиот месец не успеа да обезбеди место на Светското првенство. Во баражот македонските ракометарки ги загубија двата натпревари против Украина.
Фото: Игор Паневски/Топспорт.мк