Драган Филиповиќ, раководител на белградската училишна управа, изјави дека наставата денеска во сите училишта ќе започне со едноминутно молчење, а од понеделник ќе почне со работа основното училиште „Владислав Рибникар“. Тој рече дека во музичкото училиште настава посетувало и момчето кое го извршило злосторството и дека според сите докази што ги има училиштето, немало многу врсничко насилство, пренесува „Нова.рс“.
„Овие два дена нема да се одвива настава во тоа основно училиште, за учениците од малите паралелки, доколку родителите немаат каде да ги остават децата кои се на продолжен престој, училиштето ќе се отвори во физички одвоен дел, каде што учениците нема да имаат можност да стигнат до местото каде што се случил нападот“, појасни тој.
„Родителите рекоа дека не можат да ги донесат децата, но без никакви разлики беше договорено училиштето да има дежурни наставници“, рече Филиповиќ.
Кажа дека треба да се разговара со децата, а за вторник е закажана средба со претставниците на Министерството за здравство за да се направи план за активностите за пречек на децата во понеделник во ОУ „Владислав Рибникар“. На состанокот ќе присуствуваат двајца психијатри, психолог и претставници на УНИЦЕФ.
Како што рече според сите извештаи кои ги поседува училиштето немало врсничко насилство врз момчето кое вчера го изври нападот во училиштето, ниту пак тој учествувал во таков вид на насилство.
Зборувајќи за наводите дека ученикот е преместен во друга паралелка на барање на неговите родители, тој рече: „Ученикот се преселил во друго одделение со двојазична настава по барање на неговите родители. Тоа беше неговиот мотив да се пресели од едно во друго одделение“.