Утрински Весник
Македонија

Герасимовски: Роденденот на Горан Стефановски го славиме со неговите рокенрол-приказни

Герасимовски: Роденденот на Горан Стефановски го славиме со неговите рокенрол-приказни

Општина Центар денеска ги славеше рокенрол-приказните на бардот на македонската драма, Горан Стефановски. Традиционално, на 27 април, денот кога е роден Стефановски, Општината пред неговото спомен-обележје во Дебар Маало организира настан, посветен на неговата љубов кон рокенролот. Артистот Александар Микиќ со својата извонредна глума го збогати настанот со извадоци од рокенрол-мистеријата „Лонг плеј“ на Стефановски. Музичарите Марија Каева, Владан Дробицки, Мирко Попов и Дина Јашари ги изведоа популарните рок-нумери од „Леб и сол“ и „Фолтин“, чиј автор е исто Стефановски. Перформансот беше во режија на Јордан Симонов.

dobivaj vesti na viber

Градоначалникот на општината, Горан Герасимовски, говореше за уметничкиот бит на Стефановски.

„Можеби некој ќе се запраша зошто годинава избравме да се посветиме на љубовта на Горан кон рокенролот. Имавме две причини: првата, Горан уште од средношколските денови, па сè до крајот на својот живот го испишувал својот музички дневник во кој мошне речито истакнувал колку многу му значела рок-музиката. Тој е едниот од ретките колекционери што имал илјадници плочи и цедиња уште од 60-тите години на минатиот век, а втората причина е – посветата што професорот Горан Стефановски ја напишал на драмата ‘Лонг плеј’ на својот некогашен студент Јордан Симонов, а која гласи: ‘За Јоцо, рокерски поздрав, од Горан’“, изјави Герасимовски.

Герасимовски истакна дека Горан Стефановски преку неговите безвременски дела пренесуваше универзални пораки. Тој преку своите уникатни драми создаде национална слика за нашиот народ.

„Во земјата на уметноста, Горан беше исто толку роден во Англија колку и во Македонија. Тој потекнуваше од театарот, како што самиот напишал во есејот ‘Искрата што бега’: Кога луѓето ме прашуваат од каде потекнувам, им велам – од театарот, тие мислат јас се шегувам, ама не е така. Каде што има театарски простор, таму сум сигурен. Сцената е храмот во кој се молам. Дома е таму кај што е театарот“, рече градоначалникот на општина Центар.

Горан Стефановски е роден на 27 април 1952 година, почина на 27 ноември 2018 година, на 66 години. Во неговото омилено Дебар Маало, во триаголниот парк, е поставено негово спомен-обележје.

Можете да прочитате

Тошовски: Ќе одговориме жестоко на сите обиди за дестабилизација на Македонија

Поплава од македонски знамиња на профилите на функционерите од СДСМ

ЦУК: На бројот 112 во изминатото деноноќие 1697 повици, се гаселе девет пожари на отворен простор