Утрински Весник
Култура

Филм на Зоран Попоски е финалист на фестивалот во Хјустон

Филм на Зоран Попоски е финалист на фестивалот во Хјустон

Кусометражниот филм на македонскиот дигитален уметник Зоран Попоски „Уништен свет“, целосно генериран со помош на вештачка интелигенција, е избран за финалист на престижниот 56-ти ВорлдФест Меѓународен филмски фестивал во Хјустон. ВорлдФест Хјустон е еден од најстарите и највлијателните независни филмски фестивали во САД, којшто повеќе од 50 години препознава и наградува талентирани филмски автори.

dobivaj vesti na viber

„Да се биде прогласен за финалист на ВорлдФест Хјустон е огромна чест и валидација на оваа иновативна техника за правење филмови. Благодарен сум што оваа платформа ја сподели мојата креативна работа и се вклучи во разговорите за вештачката интелигенција и уметноста“, изјави режисерот Попоски.

Оваа номинација на „Уништен свет“ доаѓа веднаш по изборот за финалист на меѓународниот натпревар за краток филм и видео на 53-от САД Филм Фест во Далас, Тексас.

„Да се биде признат на овие два престижни меѓународни филмски фестивали меѓу толку многу талентирани филмски автори е веќе награда сама по себе. Се надевам дека мојот филм може да даде пример за тоа како алатките на вештачка интелигенција може да се користат за да се зголеми и подобри човечката креативност без таа да се замени. Правењето филмови бара емпатија, емоции и животни искуства – работи што вештачката интелигенција инхерентно не ги поседува. Но, кога се комбинира со човечката креативност и вештини за раскажување приказни, вештачката интелигенција може да отвори нови можности за медиумот на филмот“, изјави Попоски.

Филмот „Уништен свет“ на Попоски е првиот кусометражен поетски филм во кој сите елементи (слика, звук и нарација) се создадени со помош на вештачка интелигенција. Филмот ја имаше својата премиера во Лос Анџелес во 2022 година и досега е прикажан на 18 меѓународни филмски и видео фестивали, каде што и освои неколку награди за најдобар поетски кусометражен филм и најдобар апстрактен филм.

Зоран Попоски магистрирал уметност во нови медиуми во Австрија и САД, а докторирал студии на културата во Скопје. Попоски има реализирано над 100 меѓународни изложби и е добитник на повеќе меѓународни награди за уметност.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“