По вчерашното разрешување на претседателката на Судскиот совет, Весна Дамева, Државната комисија за спречување корупција изрази сериозна загриженост за случувањата на седница. Од таму денес преку соопштение ги потсетија членовите на Судскиот совет дека тие, како највисок орган на судската власт, треба да се залагаат за бескомпромисно почитување на принципот на владеење на правото и да обезбедат независност за судската власт.
„Државната комисија ги потсетува лицата кои се на највисоки државни функции и вршат јавни овластувања на обврската за почитување на начелата на законитост и интегритет од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Начело на законитост: (1)Секој е должен во вршењето на функцијата, јавните овластувања и службената должност да постапува во согласност со Уставот и со законите.(2)Никој не смее да ја користи функцијата, јавното овластување, службената должност и положба за извршување или пропуштање на дејствие што според закон не смее, односно мора да го изврши, ниту да го подреди извршувањето на законито дејствие на својот личен интерес, ниту на интересот на друго лице.(3)Никој не може да биде повикан на одговорност за корупција освен во случаите и условите предвидени со овој закон, со Кривичниот законик и друг закон и во постапка пропишана со закон. Начело на интегритет: (1)Секој е должен во вршењето на функцијата, јавното овластување и службената должност да постапува совесно, стручно, одговорно, чесно, ефикасно и непристрасно. (2)Службеното лице во извршувањето на јавните овластувања и должности е должно да ги почитува начелото на законитост, начелото на еднаквост, начелото на јавност, етичките норми и професионалните стандарди, без дискриминација или повластување на кој било со целосно почитување на јавниот интерес. (3)Службеното лице во вршењето на својата функција е должно да внимава на eвентуален судир на интереси и при извршувањето на јавните овластувања и должности не смее да се раководи од лични, семејни, верски, партиски и етнички интереси, ниту од притисоци и ветувања од претпоставениот или од друго лице“, соопшти Комисијата.
Од таму потсетија и на членот 39 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
„ Член 39 забранува какво било влијание при избор, именувања и разрешување на раководни места. Политичка партија или лице што настапува во име на политичка партија не смее да врши притисок при избор или именување, или разрешување на лице на службена, раководна или друга функција или должност, освен во случаите во кои со закон е определена надлежност на претседателот на Републиката, Собранието и Владата на Република Македонија, или органите на единиците на локалната самоуправа да вршат избор, именување, или да даваат мислење или согласност“, потсети ДКСК.
Антикорупционерите очекуваат за случувањата во судството да се вклучат и да реагираат сите релевантни државни субјекти.
Комисијата предупреди на почитување на законските обврски непосредно пред почетокот на денешната седница на Судскиот совет на која е најавен избор на нов претседател по вчерашното разрешување на Дамева, но новинарите, снимателите и фоторепортерите денес не им беше дозволено да влезат и да ја следат седницата. Обезбедувањето добило наредба да не ги пушта во просториите каде што ќе се прави изборот на нов претседател.