Родилката од Битола, Викторија Крстевска, чие бебе почина при породување, преку социјалните мрежи си ја бара отпусната листа од болницата во Битола. Таа посочува дека 12 дена не ја добила, а смета дека причината е што на вработените им се прироитет приватните обврски. Таа прашува: „И, нема мучканици?“. Родилката посочува дека се сомнева оти обдукцискиот наод може да биде наместен, а истиот до сега не го добила.
„Во која нормална држава, со нормални услови и каде што партиите и “Ко је јачи у парама” не се водечката каписла, се дозволува 12 дена да си дома, а сеуште да не си испишан од болница и да се водиш таму!? А истото треба да е веднаш, кога си одиш од болница!!! Ете јас после 12 дена сеуште немам отпусно писмо. Сеуште мојата историја ја нема. Како технички си испишана, а документ од мене нема??? Никаде? И нема мучканици? Или народски речено, “Чекај да се погодиме на смена заедно, напрајвме шо напрајвме, дај шо да напишиме да се извајме, да налепиме друг или да напрајме се да е подмачкано”? Или ај бе кога ќе стигниме, сигурно плаче пушти ја дома, не и е дојдено до ова.. А? Не кажувате ништо, ниту за комисијата, а ниту добив одговор на прашањето зошто немам отпусно писмо денес кога дојдов во тоа проклето одделение, а оти? Нормално, оти си бркате приватни обврски, А па ние извештај чекаме…“, пишува Крстевска.
Таа прашува дали вработените во битолската болница мислеле дека секое чудо ќе биде за три денови, па додава: „’О’ од обдукција во следните две недели нема да има, зошто? Па, сигурно се на одмор, иако е наредено да се направи да е во најбрз можен рок. Или пак ќе ме вртите исто како што ми нудевте брда и долини за побрзо да ме истерате од болницата. Јасно е дека има позадина, барем бидете храбри и признајте. Дури сум жива ќе ве гонам сите кои згрешивте за смртта на моето бебе. Па дури и обдукцијата да ја наместите, пошто знам, јасно и гласно ми беше кажано дека ве крепат, кој пари – кој партија, никогаш мирно нема да спиете. Ќе ве прогонува мојот Јован, Јана и уште други илјадници други деца кои вака безмилосно сте ги убиле.Ќе се борам до крај!“, додава таа.
Родилката Викторија Крстева чие бебе почина по раѓањето во битолската болница, се огласи и по четири дена од трагичниот настан. Најави дека нема да отстапи од барањето правда, но и дека дел по дел ќе обелодени сѐ. На медицинскиот персонал му порача: „Ништо нема да ве испере“. Крстева пишува дека имала најздрава бременост.