Судот во Москва казни руска пензионерка која го опишала украинскиот претседател Володимир Зеленски како „згоден млад човек со добра смисла за хумор“, објави руската организација за човекови права „Меморијал“.
70-годишната Олга Слегина од градот Налчик на југот на Русија била обвинета за „дискредитација на руските вооружени сили“.
Споменатиот коментар за Зеленски го дала на келнерка во мензата во медицинскиот центар каде што била гостин минатиот Божиќ.
Кремљ воведе сеопфатни закони за цензура веднаш по започнувањето на воената инвазија на Украина минатиот февруари. Минатиот месец, претседателот на долниот дом на рускиот парламент, Вјачеслав Володин, рече дека го заострува законот за „да ја обезбеди безбедноста на земјата и нејзините граѓани“.
Во Русија, „дискредитирањето“ на војската претходно беше казниво со до пет години затвор, додека свесно ширење лажни информацииможе да резултира со 15-годишна затворска казна. Володин претстави измени на законот за кои рече дека ќе донесат максимални казни од 15 години затвор за двете кривични дела, пишува Индипендент.
Зеленски изгради кариера како комичар пред да влезе во политиката и да победи на претседателските избори во 2019 година. Тој настапуваше на руската државна телевизија, вклучително и новогодишно шоу во 2013 година, пред Русија да ја анектира украинската територија на Крим следната година.
Зборувајќи за Зеленски, Слегина рекла и дека „сите се смееле на неговите шеги“, што во полиција го пријавиле уште тројца посетители на кафулето. Во досието стои дека и полицаец на жената и’ рекол: „Немате право да го фалите бидејќи тој е наш непријател“.
Судот во Москва ја казни Слегина со 40.000 рубљи.