Утрински Весник
Македонија

Ѓорѓиевски: Кисела Вода е првата дигитализирана општина во Македонија и пошироко

Ѓорѓиевски: Кисела Вода е првата дигитализирана општина во Македонија и пошироко

Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски, денес, на прес конференција го промовираше проектот за дигитализација, насловен “Со дигитализација до ефикасна администрација”. Преку неговата имплементација, Кисела Вода е првата општина во Македонија и на Балканот која за граѓаните обезбеди услуги по електронски пат. Ако досега, за вадење на извод од урбанистички план, граѓаните чекаа по неколку месеци, сега, со новата електронска платформа, документот ќе го имаат на својата е-маил адреса за 72 часа, без да мора воопшто да доаѓаат до општината. Со ова се зголемува достапноста на услугите, се штеди време и финасиски средства и сосема се намалува можноста за корупција.

dobivaj vesti na viber

-Од денес Кисела Вода е првата општина во Македонија, но и на Балканот, каде вадењето на извод од детален урбанистички план, е целосно електронски. Ова е посебно важно бидејќи изводот е појдовна точка во сите градежни и урбанистички процеси, како и за многу постапки кои се водат во министерствата и друите институции на централно ниво. Ако досега за оваа услуга беше потребно да се дојде на шалтер, а потоа да се чека еден, а некогаш и повеќе месеци, од денес натаму за изводот се аплицира електронски, се плаќа електронски и во рок од 72 часа, истиот се добива по електронски пат, односно тој ќе пристигне на е-маил адресата на барателот. Како што кажав, ова е финализација на првиот дел од проектот насловен “Интегриран ГИС систем” кој го отпочнавме веднаш по моето доаѓање на позицијата градоначaлник на Кисела Вода. Преку него ги дигитализиравме сите урбанистички планови и ги поставивме на нашата веб страница. За разлика од минатото, кога никој ниту знаеше колку планови има, ниту што тие содржат бидејќи стоеја заклучени во нечии фиоки, ние, како ново раководство во општината, ги ставивме на увид на граѓаните и им дадовме можност за забелешки и сугестии. Со ова се отворија и многу Пандорини кутии и на површина излегоа многу неправилности во работењето на моите претходници. Целосната транспарентност која на овој начин ја нудиме е најсилното оружје во борбата против криминалот и корупцијата во нашето општество-истакна градоначалникот Ѓорѓиевски.

Тој потенцираше дека преку пренесувањето на административниот процес во електронска форма, се подобрува ефикасноста и брзината на работа на општината. Електронските бази на податоци на кои се работеше во изминатиот период, ќе помогнат во полесно проследување на документите, како и во поефикасна комуникација помеѓу администрацијата и граѓаните. Втората фаза од овој голем проект чија имплементација започнува многу скоро опфаќа нови дигитални услуги кои дополнително ќе го подобрат квалитетот на услугите и сосема ќе ја намалат можноста за корупција бидејќи во административиот процес сосема ќе го исклучат човечкиот фактор.

– Втората етапа ќе опфати внесување во ГИС системот на сите дивоградби, на сите нови ДУП-ови кои, секако, претходно ќе бидат јавно објавени за забелешки, потоа попишување и внесување на целокупната урбана опрема, на сите градинки, училишта, бизнис ентитети. Ќе се направи регистар на улици и попис на целокупната инфраструктура во општината. По примерот на високоразвиените европски и светски градови, втората фаза треба да финализира со вадење на документи кои се потребни при градежните и урбанистичките процеси во кои целосно ќе биде изоставен човечкиот фактор. Со ова ќе се оневозможи моќта на службените лица да извршуваат коруптивни активности, а постојаната достапност на информациите, на граѓаните ќе им даде можност да ги проверат своите документи и трансакции и да детектираат било какви неправилности, информираше градоначалникот Ѓорѓиевски кој истакна дека да се биде прв во нешто е големо задоволство, голема одговорност и тешка, но не и невозможна задача.

– Надминувањето на предизвиците за нас е растеж, а задоволните граѓани се најубавата награда за трудот. Продолжуваме одговорно и со иста динамика, бидејќи тоа е она на кое се обврзавме и она кое им го должиме на нашите жители, изјави градоначалникот на Општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски.

Новата дигитална платформа е поставена и достапна на веб страницата на Општина Кисела Вода. Сепак, доколку желбата на странката е изводот да го добие во хартиена форма, нашите служби стојат на располагање и тоа ќе им биде овозможено. Архивата во барака 6, работи секој ден и тоа со продолжено работно време, до 18 часот.

Можете да прочитате

Рокас: Очекувам овој пат и ЕУ да може да испорачува резултати со забрзана динамика

Димитријевиќ: СДСМ ќе покаже нова енергија и нова визија во креирањето на политиките

ЕСМ понуди поскапа цена на тендерот на ЕВН ХОУМ