И без поддршка од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, уставните измени ќе имаат легитимитет, смета премиерот Димитар Ковачевски. Тој посочи дека тоа е исто како што легитимитет има членството во НАТО, кое, според него, не било поддржано од најголемата опозициска партија. Обвини дека секогаш кога нешто нема да поддржат, од ВМРО-ДПМНЕ кажуваат изговори како во трето одделение.
„Еве јас ќе ве прашам: дали има легитимитет нашето членство во НАТО? Има. Опозицијата не го поддржа. Така што ќе станеме членка на ЕУ и јас се надевам дека опозицијата еднаш нешто ќе поддржи. Опозицијата не го поддржа ниту договорот ФРОНТЕКС, за кој утре почнува имплементацијата, каде што првпат имаме македонски јазик со сите други јазици во ЕУ. Тоа не било никогаш досега. Кажаа биле на пауза. Такви изговори од трето одделение не поминуваат. Договорот има легитимитет“, рече Ковачевски.
За предлогот на поранешниот пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Спасеновски, со промена на државниот грб според предлогот од 2014 година да се придобие опозициската партија – Ковачевски вели тоа да се достави до комисијата во Министерството за правда.
„Слободно нека ги донесат сите предлози во комисијата за уставни прашања, која ќе биде формирана во Министерството за правда, таму ќе може да се разговара. Бидејќи гледаме, прво, беше хрватски модел, сега грб, така што ставовите на дневно ниво таму се менуваат. Ќе видиме до крај како ќе биде“, рече Ковачевски.