Утрински Весник
Свет

Стотици Норвежани ја тужат државата поради бучавата од „Ф-35“

Стотици Норвежани ја тужат државата поради бучавата од „Ф-35“

Норвешка ја очекува многу необично судење во кое 220 сопственици на земјиште ја тужат државата поради неразумно високите нивоа на бучава од воздухопловната база „Орланд“, каде што треба да биде сместена целата флота од борбени авиони „Ф-35“, пренесува норвешката „ТВ-2“.

dobivaj vesti na viber

Норвешка купи вкупно 52 нови борбени авиони „Ф-35“, но тие нема да станат целосно оперативни до 2025 година кога жителите на Орланд ќе го искусат проблемот во полна сила.

Во тужбата се тврди дека загадувањето со бучава значително се влошило по замената на постарите и помалку моќни „Ф-16“ со „Ф-35“, кои станаа нов столб на норвешките вооружени сили.

Незадоволното население што живее во близина на воздухопловната база ги наведува здравствените проблеми и финансиската загуба како причина за нивната тужба. Тие тврдат дека нивните имоти се ставени во неповолна положба и дека вредноста на нивната земја е намалена по пристигнувањето на новите борбени авиони.

Тужителите, меѓу другото, се повикуваат на Законот за соседството, кој забранува предизвикување неразумни или непотребни непријатности на соседниот имот.

Адвокатот Арилд Полсен од адвокатската фирма „Симонсен Фогт Виг“ вели дека просечното барање за компензација изнесува приближно 800.000 норвешки круни (76.500 долари).

Норвешката држава категорично ги отфрли барањата на тужителите, а Норвешката агенција за имот за одбранбениот сектор тврди дека според нивното истражување на пазарот вредноста на имотите околу базата, всушност, се зголемила.

„Орланд е воена база уште од педесеттите години на минатиот век, односно во изминатите 70 години. Ние ја гледаме како продолжение на бизнисот што се одвива сите овие години“, велат од Агенцијата.

Во тужбата исто така се истакнува дека никогаш досега речиси целата активност на норвешките воздухопловните сили не била собрана на едно место. Во децениите додека „Ф-16′ беше главниот тип борбени авиони, летовите беа дисперзирани во неколку бази низ земјата вклучувајќи ја и базата во Бодо на северот во земјата.

„Ф-35“, прогласен за клучен борбен авион за НАТО во 21 век, наиде на проблеми со бучавата и во други земји бидејќи потешката и помоќна структура на авионот создава нивоа на бучава што ги надминува оние предизвикани од неговиот претходник „Ф-16“, но и воопшто во историјата на авијацијата.

Можете да прочитате

Ново разрешување од функција на висок претставник во кинеската армија поради истрага за „сериозно кршење дисциплина“

Американска база од 1959 година забележана под 30 метри мраз на Гренланд

Истражување: Загадувањето на воздухот од пожари е поврзано со 1,5 милиони смртни случаи годишно