Во т.н. хашки ќелии во затворот „Скопје“ каде министерот за правда Кренар Лога кажа дека ќе го смести експремиерот Никола Груевски ако биде екстрадиран, сега се сместени осудените од случајот „Диво Насеље“. Директорот на затворот, Филип Андов, во интервју за „Макфакс“ посочува дека станува збор за простории каде се сместуваат осуденици со висок ризик.
View this post on Instagram
„Таму се затворениците од групата ‘Диво Насеље’. Таму се девет луѓе, тоа се затворски простории“, рече Андов, па прашан, што доколку Груевски биде екстрадиран, каде ќе го сместат, на што одговори: „Ќе оди во затвореното одделение“.
Андов, прашан, дали ќе биде сместен во хашките ќелии со осудените од „Диво Насеље“, одговори: „Не, не, има две одделенија. Тој ќе оди во затвореното одделение, каде има затвореници што чекаат пред правосилна осуда за да се симнат во полуотворено или отворено, затвореници кои се дале во бегство па се вратени..“.
Претходно, министерот за правда, Кренар Лога, посочи дека во барањето за екстрадиција на Груевски е наведено дека тој ќе биде сместен во соодветни услови како во притворот така и во затворот, каде што треба да издржува затворски казни во согласност со пресудите за предметите од СЈО.
„За девет предмети треба да одговара пред домашните судови. Ќе побарам уште еднаш екстрадиција на Груевски. Во делот на писмото ќе биде наведено дека ќе биде преместен во хашките ќелии како во притворот така и во затворот. Сметам дека тоа ќе биде прифатено за унгарските власти, односно дека ќе бидат исполнети сите законски обврски“, рече Лога.